Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, денеска, од првиот панел на меѓународната конференција во Скопје порача дека најголемата закана за економиите е корупцијата, а не короната.
„Пандемијата е привремена, она што треба да се прави перманентно и со кое треба да почнеме веднаш да се справуваме е корупцијата. Корупцијата го руши кредибилитетот на сите иснституции. Нема економски развој без владеењето на правото. Сега имаме некредибилни институции и загубена јавна доверба. Имаме селективно и коруптивно судство“, рече Груби.
Корупцијата, истакна Груби, е пострашен вирус и од Ковид.
„Корупцијата е нашиот најголем непријател и закана за растот на сите економии, општества и демократии. Го поткопува кредибилитетот на институциите и процесите. Се работи за уште пострашен вирус од КОВИД кога станува збор за закрепнувањето, растот и развојот на економијата. Мора да градиме клима на личен и институционален интегритет, етичко однесување на лично и институционално ниво. Но, без одржливо владеење на правото не можеме да имаме кредибилни институции и доверба на јавноста кон системот. Некредибилни институции значат недостиг на јавна доверба што доведува до селективна и корумпирана правда, а тогаш немаме стабилни инвестиции, стабилна бизнис клима. Тоа доведува до замена на правниот систем, на најлесниот начин – мито, да се заврши работата“, заклучи Груби.