ВИДЕО – Меморијалниот музеј во Смилево – чувар на славната историја и борбата за слободна и независна Македонија

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Музејот во селото Смилево посветен на Смилевскиот конгрес и настаните поврзани со него е изграден во 2003 година, на 100 годишнината од подигнувањето на Илинденското востание, а поставката е поставена во 2004 година. Селото Смилево е оддалечено од Битола 35 км. а од Демир Хисар 9 км. На овој Смилевски конгрес, кој се одржал од 2 до 7 мај 1903 година било потврдено подигнување на Илинденското востание на 2 август 1903 година. Смилево е одбрано како локација за одржување на овој Конгрес поради својата добра геостратешка позиција за да може сите тие делегати кои присуствувале таму да се заштитат или извлечат лесно доколку дојде до некоја несакана ситуација, но тоа исто така е и родното место на Даме Груев, еден од основачите на Организацијата, така што одбирањето на Смилево како место за овој конгрес е потврда за неговиот неспорен авторитет. Една од главните простории во овој музеј е салата која што претставува реконструкција на просторијата каде се одржувал Конгресот.

„Од 2 до 7 мај во куќата на Ѓорѓи Ќуранов, а во понови сознанија на историчари се споменува и куќата на Коштевци и некои други куќи во Смилево каде се состанувале Даме Груев и целиот одбор околу одлучувањето дали ќе се дигне востанието и токму оваа соба на Смилевскиот конгрес во оваа поставка, поставени се над 35 фотографии на кои се претставени сите учесници кои биле во Смилевскиот конгрес, освен Даме Груев како централна личност тука голема улога играл и месниот револуционерен претседател Ѓорѓи Павлев Ќуранов, кој што бил најтесен соработник на Даме Груев. Но на самиот конгрес учествувале и Атанас Лозанчев, Борис Сарафов и на овој конгрес изложени се и протоколите за револуционерната дејност што ќе треба да се одвива и дневникот по кој се утврдиле дисциплинските мерки, како кои одговорности ќе ги има и кои казни ќе следуваат доколку некој од револуционерите не ги извршуваат. Во една витрина изложен е оригинален револвер поклонет од семејството Чипуровски, тој бил на војводата Веле Иванов Пенчо, додека долу имаме една бомба изработена во леарниците кои биле над селото Смилево, горе во Бигла планина“, истакна Наде Геневска Брачиќ, етнолог, кустос советник.

Пред самиот Смилевски конгрес Даме Груев се наоѓа во Солун и тој туку што излегол од затвор. Груев бил затворен во битолскиот затвор во 1902 година каде што имал и средба со Гоце Делчев, кој таму влегол маскиран во стара селска облека. Уште на таа средба било разговарано за состојбите со Организацијата, со која што Даме Груве успевал да раководи иако бил во затвор. Ослободен е на почетокот од 1903 година. Иако имало поделени ставови околу тоа дали да се подигне или не востанието, сепак преовладал ставот дека е потребно итно подигнување на востание.

„Главната цел на тој конгрес била подигнувањето на востанието. Дали имало и дилеми тогаш, дали да се подигне или не?

Смилевскиот конгрес пред се е конгрес условен од јануарскиот конгрес на организацијата, одржан на почетокот на јануари во 1903 година, чиј што легитимитет во македонската историографија на некој начин е спорен поради изборот на делегати, каде што ги задолжува сите окружни револуцинерни комитети, вклучително и битолскиот, да одржат конгреси на кои што ќе ја потврдат одлуката на јануарскиот конгрес за подигнување на востание и ќе го определат датумот подоцна според следот на настаните.

Каде се одржува тој јануарски конгрес?

Јануарскиот конгрес се одржува во егзархиската гимназија во Солун, местото на централниот револуционерен комитет“, рече Зоран Богески, историчар.

Конресот се реализира во 4 заседанија, за време на одржувањето на Конгресот селото е доста добро обезбедено, со стражи на сите страни, поставени на околу 2 часа од самото село, а вакви чуварски служби имало и во другите околни села. Главниот штаб на Смилевскиот конгрес го сочинувале Даме Груев, Борис Сарафов и Анастас Лозанчев, како и нивните заменици Петар Поп Арсов, Ѓорѓи Христов и Лазар Трајков. Се донесла и одлука доколку на востаничката територија пристигнат Пере Тошев, Ѓорче Петров и Петар Ацев и тие да бидат вклучени како заменици во штабот.

„На конгресот присуствуваат од 17 до 35 делегати, некаде се сретнуваат и 45. Самиот конгрес избрал на предлог на Борис Сарафов претседател, тоа е Даме Груев и двајца секретари, односно записничари, а тоа се Ѓорѓи Поп Христов и Парашкер Цветко. Ги разгледал според дневниот ред состојбите во својот округ, каде што имало на некој начин поднесување на извештаи од присутните делегати од окрузите, од околиите или револуцинерните реони, така што се констатирало дека дел од реоните се подготвени за востание како што бил Костурскиот, Ресенскиот, Охридскиот и од Демирхисарскиот крај. Дел не биле подготвени за востание како што бил Крушевскиот, Битолскиот и Прилепскиот округ, со исклучок на неколку села. Констатирана е состојбата со расположливата воена сила и оружје, околу 8-9.000 пушки во цела околија. Разгледувани се можностите за напад на самиот конгрес, односно што би било нападнато, округот е поделен на 10 револуционерни реони, тоа се Костурскиот, Леринскиот, Битолскиот, Преспанскиот, Ресенскиот, Охридскиот, Прилепскиот, Крушевскиот, Демирхисарскиот и Кичевскиот, кој исто така се дели на неколку подреони“, додаде Богески.

Главната одлука која била донесена и пред се целта на овој конгрес во Смилево било да се утврди датумот за подигнувањето на Илинденското востание, а тоа е 2 август 1903-тата година.

„Па конгресот во основа има цел да ја потврди одлуката од јануарскиот конгрес, што и се прави. Со дисциплинскиот устав се уредуваат дел од прашањата кои можеме да ги наречеме одлуки, тоа е како да се оневозможи реонот османлиската власт да комуницира, тоа е оневозможување на сите комуникации од патна инфраструктура, телеграфска, курирска, поштенска итн., тоа да се одржува во континуитет да не можат да ги обновуваат османлиите. Едно од решенијата е покрај што е изгласан дисциплинскиот устав кој што ова фактички го регулира, задолжен е главниот штаб дополнително да го определи датумот за образование и тоа се случува по нов календар на 27 јули, непосредно неколку дена пред 2 август во селото Буф, каде е определен датумот Св. Илија, каде членовите на горскиот штаб го известуваат Анастас Лозанчев, член на штабот кој се најдува во Битола кој се согласил за самиот датум и другиот ден од село Боиште, демирхисарско е испратен проглас до сите реонски револуционерни комитети и горски начелства за датимот на востание“, потенцира историчарот Богески.

Востанието се подигнува во повеќе региони, вклучително и Смилево, но само во Крушево се успева да се организира востаничко-цивилна власт од таков степен со демократско републикански принципи на поставеност на врховна, законодавната и извршна власт.

„Тоа најверојатно се должи на визијата и подготвеноста на самиот Никола Карев, да ги организира тие активности бидејќи сите акти не предвидуваат што би се случило на една ослободена територија, кој начин на управа или нејзино раководење би се организирал, така што на другите места навистина има организирано месни управи, но нивниот степен и вид и воопшто перцепцијата врз нив е сосем поразлична. Ако зборуваме за Крушевската Република, како историографско одлучување или како сублимат на се она што можеме да препознаеме по преземените активности со воспоставување на власта, станува збор за слободна територија со градот Крушево и 30-тина села од вкупно блиску 60-тина села колку што располага Крушевскиот револуционерен реон, односно се вклучени во административната поделба на организацијата на Битолскиот округ, односно Крушево има градот Крушево и блиску 65 села.

Што се случува со Смилево за време на Илинденското востание?

Па во Смилево е концентриран главниот штаб, исто се случуваат борбени дејствија, активности, организиран е животот, не споменавме дека според дисциплинскиот устав покрај тоа што главниот штаб има врговна командна задача, тој исто така е и единствен ополномошен да преговара со странски сили или со непријателот. Меѓутоа во подоцнежниот период во развојот на востанието, поточно во времето на задушување на востанието, односно август-септември, исто така Смилево е нападнато, се водат битки и доаѓа до извлекување на главниот штаб. Селото е запалено, настрадани се куќите, месните чети ја доживуваат истата судбина како низ цел Битолски револуционерен округ“, вели Богески.

 

„Исто голема улога било дадено на тоа каде ќе се заштитува цивилното население и биле одредени збегови горе на Бигла планина и во суштина горе на Бигла планина се доста значајни места како Арамиски камен, Горановец, Јаворовец, каде се штитело целото население да нема упад од Турците. На самото востание кое се дигнало на 2 август Турците биле изненадени посебно овде во Смилево, бидејќи немале многу турска војска во селото и решиле дека најпрво ќе ја нападнат куќата на Ѓорѓи Ќуранов, бидејќи тој бил водач во самото село. Потоа некаде до 26 август била некаква привидна слобода, луѓето се радувале на таа акција што се извела, но после тоа Турците го напаѓаат селото, го опожаруваат и било изгорено буквално до темел. Во Старо Смилево останат е само еден објект до денес од тој период, тоа е познатата кула и голем број на население во тој период го напуштаат селото, заминуваат или во Бугарија, или голем дел заминале во Битола, тоа е познатиот Смилевски баир, дел има во Генимале во Битола.

Споменавте дека има некаква привидна слобода некаде до 26 август, знаеме дека Крушевската Република траела 10 дена, дали тука подолго време имало слободна територија за разлика од соседно Крушево?

Велат затоа што Смилево им било подалеку на Турците, повеќе тие биле сконцетрирани кон тој дел, но овде во селото можеби привидно било малку подолг период, така стои запишано во историски извори дека некаде на 26 август Турците го опожариле селото“, истакна Наде Геневска Брачиќ, етнолог, кустос советник.

Втората просторија во Меморијалниот музеј на Смилевскиот конгрес е посветена токму на Даме Груев кој како што кажавме е роден во селото Смилево, во јануари 1871 година. Се школувал во солунската егзархиска гимназија, бил прв секретар на Македонската револуционерна организација и неспорен авторитет во истата. Загинува во битка во декември 1906 година во селото Русиново, беровско.

„Неговиот татко Јован бил ѕидар, неговата мајка тулар и тие се дојдени од мијачките села, се претпоставува дека тоа е селото Селце. Има фотографии од неговото школување во Битола, Софија, Белград, Солун и формирањето на Тајната Македонска Револуционерна Организација во 1893 година, но и сите негови дејности понатаму до неговата смрт во 1906 година во село Русиново. Во една витрина поместени се некои книги кои се посветени за делото и дејноста на Даме Груев, забележани се псевдонимите по кои се појавувал Даме Груев, како и неговата учителска работа. Потоа е забележано неговото протерување од Солун бидејќи тој имал свои осознаени цели за посебноста на македонскиот народ и бил против бугаризација на Македонија“, вели Геневска Брачиќ.

Една од просториите во Меморијалниот музеј во Смилево е посветена и на Втората светска војна и борбата на жителите од Смилево во овој период. Како континуитет на борбата за слобода и создавање на сопствена држава и партизанскиот одред го носи името на Даме Груев.

Борбата за слобода на смилевчани не завршува со Илинденското востание, таа продолжува и за време на Втората светска војна. Доказ за тој континуитет за таа желба и борба за создавање на сопствена самостојна држава и слобода е тоа што и партизанскиот одред го носи името токму на нашиот великан Даме Груев.

„Во 1942 година формиран е тој партизнаски одред Даме Груев. Во тој период како главен раководител на Комунистичката партија на Југославија од селото Смилево бил Кирко Матлиовски, тој се појавува и под називот Угринот или Кирпоп. Овде има и други револуцинери, таа борба посебно значајно е во 1942 година кога се формирал, тие не дозволиле во Смилево да влезат Бугарите кои сакале да дојдат и да одбележат 39 годишнина од Илинденското востание и да го прикажат Илинденското востание како бугарско. Тогаш овој партизански одред застанал во одбрана да се спречи доаѓањето, но секако дека во целата Втора светска војна тие активно учестувале, се бореле и после ослободување се оформиле народни комитети кои биле обележје на целата таа војна која се водела. Тогаш се изградило и училиштето и во тој период за прв пат во Смилево се оснивала настава на македонски јазик“, додаде Геневска Брачиќ.

Во четвртата просторија во музејот е поставена етнолошка поставка. Иако во Брсјачка средина, во селото Смилево живеат претежно Мијаци кои тука се  доселиле од регионот Река околу 1840 година, кога е формирано и т.н. ново Смилево и сегашното Смилево. Малку подолу од селото се наоѓаат објекти од старо Смилево. Мијаците прво се занимавале со овчарство, а потоа нивна главна доходовна дејност станало ѕидарството. Мијаците доаѓајќи тука ја носат и својата традиција и култура.

„Познатата мијачка носија, смилевска посебно има свои одлики бидејќи се разликува конкретно од селото Галичник. Во женската носија таму повеќе везот е во темно црвена боја, додека во Смилево е во светло црвена боја. Женската носија е составена од кошула, минта, елек, плашеник, на главата се носела даркна, на половина појас, препашка, скутина, кифчена скутина кај невестата со богати реси, така и везот кој е од дланката до рамото извезен во позната техника кинатица и на краевите со реси. Еден специјален дел кој го носеле жените од Смилево е сокајот, кој претставува обележје на омажена жена и го носела до раѓањето на првото дете, а потоа се заменувал со главика. Од машката носија во Смилево денес многу малку примероци се зачувани, но овде во музејот имаме еден извонреден примерок од војводата Тасе Кочоски, кој живеел од 1880 до 1946 година, која ја поклони неговиот внук Јован Кочанковски за отворањето на овој музеј. Таа е составена од бечви, кошула, елек, долама, појас, копоран, кој е доста богато извезен со срма, ракавите висат од рамената надолу. На нозете над бечвите се носеле партеници, чевли, на главата шубара. За мијачката носија, посебно за носијата од Смилево свои значајни мисли имаат дадено германскиот патеписец кој вели дека носијата во Смилево е извонредна по својата естетска убавина, доста скапа и примероци од смилевската носија денес се наоѓаат во многу познати светски музеи како во Санкт Петерсбурк во Русија, во Митрополитен музеј во Њујорк, во Бритиш музеј во Англија“, рече етнологот Наде Геневска Брачиќ.

Освен Меморијалниот музеј на Смилевскиот конгрес, во Смилево се наоѓа и парк посветен на Даме Груев, а во центарот на селото е изграден и споменик каде се наоѓа неговиот гроб. Смилево со целата оваа богата историја и прекрасна природа, секоја година привлекува голем број посетители како од Македонија така и од странство.

Ова видео е дел од рубриката Збор 2 на порталот Инфо Компас, поддржано од Министерството за култура, во програмата од национален интерес во културата, од областа на музејската дејност и заштита на нематеријалното културно наследство, за 2021 година.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи