Македонија денеска одбележува 30 години од својата независнот. За тоа како се одвиваше референдумот на 8 Септевмри 1991 година, што се случуваше во тие први години на самостојност, како функцинираше државата тогаш, како кореспондираа помеѓу себе граѓаните, партиите поразговаравме со првиот градоначалник на Прилеп Илија Димоски Шаторо, кој ни раскажа за тоа со која жар се градеше Македонија, но и за тоа на кое дереџе дојдовме денес и зошто сме таму каде што се наоѓаме.
„8 Септември 91 година граѓаните на општина Прилеп го чекаа како јајце на Велигден, и го дочекаа. Дента јас како претседател бев овластен да ги следам изборните места, значи целиот народ беше расположен, насмеан, долго време го очекуваше овој ден, во најновите костими и мажи и жени, фатени за рака одеа на гласачките кутии. 95% во Република Македонија без за одделување од Југославија и формирање на самостојна, суверена држава Македонија. Пред собранието на општина Прилеп, тоа е старата општинска зграда имаше околу 5.000 луѓе кои ги очекуваа резултатите од референдумот. Резултатите беа соопштени некаде пред 20 часот од телевизија Скопје и тогаш народот беше воодушевен, восхитен и имаше тапани, играња пред собранието на општина Прилеп.
Како прв човек на Прилеп во тоа време, на самиот ден на референдумот ако се сеќавам добро од вашите кажувања дури и спречивте инцидент кога во еуфорија народот тргна кон касарната каде се уште беа војниците на тогашната ЈНА?
Некаде околу 20:30 часот тогашниот секретар Иван Гагачо иди и ми вели претседателе групата оди кон касарната. Абе како кон касарната му велам, ќе направат инцидент. Зедов кола и тогаш како што беше улицата од коцка, валовита терав многу брзо, излегов пред колоната и пред касарните, пред мовчето ја свртив надолу по течението на реката дабничка и така не дозволив да групата појди пред касарните и створи инцидент“, истакна Илија Диимоски, прв градоначалник на Прилеп.
Шаторо вели ние во времето градевме држава, а сега за жал таа некако како да се растура. Наместо државниот интерес политичарите сега си го гледале само својот интерес.
„90-тите години, 94 година имаше чесност и почитување меѓу луѓето, сега нема чесност, нема почитување. Тогаш немаше тендери, ние правевме држава, не смеевме да помислиме едно стопаре да ставиме в џеб. Јас дури и да кажам за Скопје кога одев гледав да не одам сам како бег во колата туку да однесам таму некој од Собрание на општина Прилеп ако има некоја работа да ја сврши работата, или ако нема од Собрание, некој од градот кој што имаше потреба го носев со мене само да заштедам во бензинот.
А сега кога ќе погледнеме колку пари земаат пратениците за патни трошоци?
Сега е страшна работа, значи пак нагласувам мојата генерација правеше држава, одборниците во Прилеп бевме на број 33, од 33 тројца земаа надоместок што беа од селата само за карта ако донесат од воз или автобус, шанса немаше некој да земи пари, никој ништо не земаше, даваа не земаа и викаа ура да ја направиме државата“, додаде Димоски.
Шаторо вели дека повеќе демократија имало тогаш отколку сега. Како надвор од партиите, така и внатре во самите партии.
„Мене ми се чини дека 90тите години имаше поголема демократија отколку сега. 90тите години направивме телевизија независна во Прилеп и независна телевизија Прилеп сите седници од Собранието ги пренесуваше во живо, значи до танчина народот знаеше што се случува во Собранието на општина Прилеп.
И што е најважно и ова да кажам дека партииве квалитетните луѓе ги туркаат на страна, ги туркаат и идат луѓе кои се партиски обоени, што партијата ја слушаат. Тие не можат за нив да си створат нешто, а не за цела Македонија или поединечна општина.
Сакате да кажете дека сега луѓето кои се во партиите не сакаат да им противречат на раководствата?
Сигурно, сигурно не сакаат да им речат, како што ќе речи претседателот на партијата така, било во СДСМ, било во ВМРО.
Во ваше време имавте храброст да му речите не на лидерот на партијата?
Ние имавме храброст, му велевме не и многу работи се прифаќаа и затоа одеше работата, затоа велам дека тогаш имаше поголема демократија него сега“, додаде Димоски.
Шаторо се потсетува и на тоа дека во Прилеп се испечатија првите пари во самостојна Македонија.
„Одам таму, беа напечатени првите пари и се Стартер. Во тој момент директорот на печатницата Сашо Зафироски Зафиро ми дава 10 поени, а утрото имаше некој прослава во Скопје за ВМРО и почнав да ги делам парите. Му дадов една банкнота на Љупчо се сеќавам добро, една на Доста, една на Кљусев, една на Милан Талевски како градоначалник на Скопје и ми остана уште една пара. За таа пара трчаа луѓе да ме молат и ми даваа по 100 марки да им ја дадам. Јас им велам оваа пара утре ќе ја добие претседателот на државата, господинот Киро Глигоров“, истакна Димоски.
Вели дека соработката помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ како главни политички играчи во тоа време била далеку поголема отколку сега иако нормално што секоја партија си иимала свои цели и идеологија.
„Можам да кажам, а и луѓе можат да го потврдат ова што ќе го кажам, одам кај Киро Глигоров ни најавен ни ништо, поготово за водата од Студенчица и со мене носам уште 5-6 луѓе стручни за водоснабдувањето за да му кажуваат. Влегувам внатре и секретарката ми вели дали имаш закажано со претседателот, јас му велам кажи му дека Шаторо од Прилеп е дојден и тој вели ајде делегацијата од Прилеп со Шаторо да влегува, не пречека, не ислуша и сега нешто добивме, нешто не добивме, не може се да добиеш. Истото се случуваше и кај премиерот Бранко Црвенковски. Значи иди Илија Димоски Шаторо ни најавен, ни ништо. Илија да влези. И влегував. Мора да се соработува така ако сакаш да живееш и да опстаниш“, кажа Димоски.
Ова е неговата главна порака до граѓаните за 30 години независност на Македонија.
„Да бидат единствени, да си ја сакаат Република Македонија, за националните прашања треба да бидеме единствени, тука има црвена линија и нема никакво попуштање, никакво отстапување“, истакна Димоски.