79 годишниот Ѓорѓи Кузмановски од Скопје веќе 11 години по ред по повод празникот 8 Септември, Денот на Незавиноста на Македонија, со својот велосипед поминува одредена релација нииз државата. За овој празник тој ја одбра маршрутата од Маврово преку Стража-Кичево-М. Брод па се до Прилеп во должина од 120 км. Вели дека се движел со просечна брзина од 30 км. на час и овие 120 километри ги поминал за околу 6 часа. Им порачува на сите постари лица да спортуваат за да имаат подобро здравје.
„Порачуваме да си го празнуваме празникот наш македонски, да даваме секој од свој аспект да се одбележи овој ден, значаен ден за државата и нацијата и преку нашето одбележување на овој план, спортско физички план или напредна спортска рекреација како јас ја нарекувам, за да популацијата наша од сите возрасни категории, а особено пензионерите да не седат дома покрај телевизорите, туку да излегуваат, да шетаат, да планинарат, да возат велосипеди, затоа што тоа ќе им придонесе се поубав живот и подобро здравје“, вели Ѓорѓи Кузмановски, велосипедист.
Целиот свој живот се занимава со спорт, велосипедист и моторџија. Има и издадено и книга за спортот во Скопје од 1902 до 2010 година.
„Цел век на тркала, велосипедист, моторџија, пред 2 дена го завршив релито со мотори низ Македонија, за 3 дена 800 км., најстар учесник бев и таму. Цел век сум во спортската администрација, 20 години секретар на сојуз на спортови на Скопје, 20 години во републичкиот боксерски и велосипедски сојуз, тренер на репрезентација на Македонија 20-тина години, 5 години во селекторскиот тим на велосипедските репрезентации на Југославија“, додаде Кузмановски.
Со него веќе 11 години во овие подвизи го придружува и Дејан Момироски, велосипедист од Скопје, кој исто така вели дека една од целите на овие возења е да се промовира и здравиот начин на живот.
„Пред се прво да го означиме овој празник 8 Септември, денот на државноста, а второ да ги поттикнеме сите кои не спортуваат илии планираат да започнат да ги поттикнеме да не се плашат туку да започнат и да видат дека е баш добро ова што го правиме“, рече Дејан Момироски, велосипедист.
Кузмановски и Момироски велат дека со оваа традиција планираат да продолжат и во иднина.