Честитка од претседателот на Македонија по повод Денот на независноста, 8. Септември.
„Почитувани Македонци, Албанци, Турци, Срби, Бошњаци, Роми, Власи и сите други граѓани,
Нека ни е честита 30-годишнината од независноста на нашата заедничка држава!
На денешен ден, пред 30 години, се оствари сонот на сите генерации кои се бореа и гинеа за нашата слобода. Македонската државност е беа сомнение нашето најголемо заедничко историско постигнување. Денес, имаме привилегија да имаме своја, независна држава. Во исто време, имаме и голема одговорност – да вложуваме во неа за да биде достоен дом за секој од нас. Каква држава ќе изградиме, таква држава ќе имаме.
Почитувани сограѓани,
Нашата најголема вредност, со векови наназад е традицијата на почитување на различностите. Северна Македонија, може да напредува, само, ако сите нејзини граѓани ја чувствуваат како своја татковина.
Нашето подобро утре зависи и од интеграциите во важните меѓународни организации. Како мала држава, во денешниот глобален и немирен свет, не можеме да опстоиме без сојузници и пријатели. Интеграциските процеси беа, и сеуште се, и мотив и средство за постигнување на внатрешна кохезија и за достигнување на највисоките европски вредности.
Драги сограѓани,
Да се почитуваме и разбираме меѓу себе.
Да сфатиме дека различниот од нас не е наш непријател.
Да ја разбереме политиката како борба за идеи и концепти за подобро денес и утре, а не како борба на живот и смрт.
Ние немаме резервна држава. Македонија е нашиот единствен, заеднички дом и ќе биде пристојно место за живеење само ако секој од нас го вложи во него својот труд, својата одговорност и својата совест.
Почитувани сограѓани,
Нека ни е честита 30-годишнината од независноста!
Да ни е вечна и вековита државата!“
Стево Пендаровски, претседател на Република Македонија