Нуредини: Ги испитуваме вработените, посета на ковид пациенти е строго забранета

Facebook
Twitter
Email
Print


Пациентите кои се спасени од пожарот во модуларната болница во Тетово се во добра здравствена состојба и кај нив нема знаци на повреди од пожарот, изјави координаторот на ковид центарот во Тетово Гзим Нуредини. Тој повтори дека од починатите 14 лица, двајца биле цивили. Нуредини не појасни дали двете цивилни лица од 14-те загинати биле роднини во придружба на пациенти, некои вработени или случајни минувачи кои спасувале пациенти при пожарот.

Нуредини информира дека денеска се распрашуваат вработените, дали имале свои роднини кои биле пациенти во модуларната болница и дали им биле во посета во работно време или надвор од работното време.

Тој повтори дека посета на ковид пациенти е строго забранета и дека доколку имало надворешни лица во ковид центарот за тоа надлежните ќе понесат одговорност.

„Целата ситуација со пожарот траеше од 3 до 5 минути, имаше вработени, но и роднини или луѓе кои случајно тогаш се затекнаа таму и сите помагаа. Пламенот за 3 минути го зафати целиот простор. Лицата кои починаа имаа изгореници од прв степен и ги пративме на судска медицина за да може да се изврши нивна индентификација. Посетите се казниви. Испративме известувања до раководители на одделенија дека не се дозволува посета. Има и вработени кои се роднини на пациенти, бараме кои биле, ако се тие, дали се вработени во ковид центарот, дали биле во работно време на посета или потоа. Дали биле членови на семејства на пациентите или биле други лица, оти сите кои се затекнаа во близина во време на пожарот трчаа да помогнат“, вели Нуредини.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи