Младински можности за мобилност – Вредноста на меѓународното искуство на младите

Facebook
Twitter
Email
Print


Кога станува збор за поддршка и креирање нови можности за младите постојат различни ЕУ програми за млади кои нудат широк спектар на можности за вклучување во различни активности на локално, национално и меѓународно ниво, една од тие програми е Еразмус плус. Програмата нуди можности за меѓународни младински размени, обуки за млади, волонтирање во други земји и друг тип на активности во кои младите можат да се вклучат со цел да стекнат меѓународно и интеркултурно искуство.

Новата програмата Еразмус + која се спроведува во периодот од 2021-2027 година овозможува учество на разни чинители и широк спектар на организации. Во оваа насока, новата програма ја нагласува инклузивноста, зелените иницијативи и дигитализацијата како клучни и најважни приоритети што се поддржуваат преку финансиски механизми, потоа во клучните приоритети се вклучуваат и зајакнување на граѓанските вредности, дијалог на културите, толеранција и разбирање на социјалното, културното и историското наследство.

Во реалноста често овие програми остануваат нејасни за младите кои немаат доволно информации како да се вклучат во истите и да ги искористат можностите. Како еден од начините на кои младите можат да се вклучат се младинските организации и младинските центри каде можат подетално да се информираат за истите. Понатаму училиштата, факултетите и другите невладини организации се клучни во информирање и вклучување на младите во разни проектни активности. Иницијативноста на младите од друга страна е исто така битен фактор за нивно вклучување во активности.

За студентите постои исклучителна можност за слушање на еден семестар во некоја од Европските земји. Генерално нашите универзитети се запознаени и веќе ја работат оваа програма доволно е само да прашате за да се информирате 😊 .

Програмата Еразмус+ нуди бројни можности за младите. Следниве можности за учество во програмата им се достапни на институциите и поединците од областа на младите:

Младински размени – Можноста да се учествува на младинска размена нуди уникатно искуство за секој млад човек. Група на млади лица на возраст од 13-30 години од Македонија и група на млади од минимум уште една друга земја, може да учествуваат на младинска размена која би можела да трае од  5 до 21 ден.  На размената младите се сретнуваат, дружат, истражуваат, учат преку методи на неформално образование за разни теми кои се актуелни меѓу младите во ЕУ.

Мобилност на младински работници – Мобилноста за младинските работници во програмата Еразмус + овозможува професионална обука на младински работници од нашата држава и миниум уште една друга земја. Професионално обуката е во форма на неформално образование преку учество во меѓународни активности како што се: семинари, обуки, настани за воспоставување контакти и соработка итн.

Проекти за активно учество на младите – Овој тип на проекти дава можности за вклучување млади луѓе од Македонија во процесите на одлучување и донесување на одлуки за прашања што се од најголемо значење за нив. На младите им се дава можност да комуницираат со носителите на одлуки на локално и/или меѓународно ниво.

Партнерства за соработка во областа на младите – Тоа се проекти што им овозможуваат на организациите да учествуваат со проекти за меѓународна соработка насочени кон зголемување на квалитетот на услугите и активностите кои ги обезбедуваат за сите актери кои се во младинска работа.

Од друга страна пак, програмата Еразмус + обезбедува поддршка за учесниците во сите фази од нивниот живот, од училишна возраст па се до зрелост, во наоѓање стимулативни можности за учење низ Европа, и во и надвор од училницата. Програмата нуди можност за доживотно учење, стекнување животни вештини и меѓународно искуство што има позитивно влијание на образовен, професионален и личен развој, повикувајќи учество во разни активности.

Програмата Европски Солидарен Корпус е посебно дизајнирана програма која нуди можност за волонтерско искуство на млади на возраст од 18 – 30 години во времетраење од 2 до 12 месеци, со цел стекнување на искуство и запознавање  на друга култура. Европскиот Солидарен Корпус се заснова на достигнувањата од претходно успешно спроведени програми и промовира солидарност како вредност. Волонтирањето на младите луѓе им овозможува да стекнат искуство преку спроведување на  високо квалитетни активности базирани на солидарност во локалната заедница.

Волонтерството со своите основни вредности и карактеристики е главна тема на секој проект, но како активност секоја инволвирана страна има свои обврски, треба да исполнат одредени задачи и да се почитуваат основните правила на програмата.

Европскиот Солидарен Корпус ги зближува младите луѓе за да изградат по инклузивно општество, а во исто време, им овозможува да стекнат корисно искуство, вештини и компетенции за нивниот личен, едукативен, социјален, граѓански и професионален развој.

Солидарноста е она на кое треба да се насочиме и да работиме, мора да бидеме посветени во зајакнување на заедниците, со посебен напор за промовирање на социјалното вклучување на младите. Нашата улога како младинска организација е да помогнеме во решавање на новите предизвици и да работиме на поголема инклузија заедно со останатите чинители во заедницата.

Автор: Мариче Тренескa

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи