Политиките за стипендирање кои ги спроведува Министерството за образование и наука оваа година се ревидирани и значително унапредени во насока на обезбедување поголема поддршка од досегашната и тоа на што поголем број студенти. Воведени се низа нови типови на стипендии, а воедно зголемен е износот на речиси сите категории кои досега се доделуваа, вклучително и за студентите од регионот кои имаат потекло од Република Македонија и сакаат да студираат тука.
Министерството за образование и наука и оваа година обезбеди 50 стипендии за студенти со македонско потекло кои живеат во Албанија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Косово, Турција, Романија, Црна Гора и Грција и тоа за додипломски студии на универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ и „Мајка Тереза“ во Скопје, „Св. Климент Охридски“ во Битола, „Гоце Делчев“ во Штип и „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
Преку конкурсот кој беше објавен на почетокот на минатиот месец, кандидатите доставуваа пријави во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во државите во кои тие живеат. Износот на овие стипендии годинава е зголемен за над 80%, односно месечната стипендија од 3.300 денари се зголеми на 6.050 денари и продолжува да се исплаќа 9 месеци во годината.
Интензивирањето на соработката во сферата на образованието со македонските заедници од регионот е високо на агендата на Министерството за образование и наука. Ова беше потенцирано и на последната средба на министерката за образование и наука Мила Царовска со претставниците на македонската заедница во Албанија, минатата година во декември, кога се дискутираше за важноста на блискиот контакт меѓу сонародниците, како и за програмите за соработка и за стипендирањето на младите кои живеат на територијата на нашиот западен сосед, а имаат македонско потекло и желба за студирање во РМ.
За потсетување, минатата академска година ваков тип на стипендии им беа доделени на 20 студенти од Албанија, кои се запишаа на некој од нашите државни универзитети.
Дополнително, директна поддршка во форма на стипендии обезбедуваат и дел универзитетите. Па така, од 2015 година до сега, Универзитетот „Гоце Делчев“ доделил 15 стипендии за магистерски студии на студенти со македонско потекло кои живеат во Албанија и согласно информациите од универзитетот овие можности за стипендирање ќе бидат достапни и во иднина.
Министерството за образование и наука ќе ги продолжи и ќе ги интензивира заложбите за отворање на државните универзитети за што повеќе студенти од регионот со потекло од РМ, овозможувајќи им уписи на сите три циклуси на студии.