Профил на социјалната мрежа Фејсбук со име Роберт Вретоски преку статус упатува закани по живот за потесното семејство на Борче Јовчески, кој е кандидат за градоначалник на Прилеп од ВМРО-ДПМНЕ за претстојните локални избори.
„Наскоро и прислушкуваните разговори за Борчево ке бидат излезени во јавност, па да видите како приватно договара за поткуп на гласачи. Повлекувај се од кандидатура ако ти е мила фамилијата во спротивно ќе го најдеш и помалиот син во некој ендек фрлен како куче“, стои во објавата на Фејсбук.
Горан Сугарески, кандидат за градоначалник од СДСМ на својот Фејсбук профил го осуди ваквиот морбиден чин за којшто вели дека ниедна лична трагедија не смее да се злоупотребува за лични или било какви други интереси и воедно ги повика надлежните институции да преземат итни мерки, да го откријат сторителот и најстрого да го санкционираат.
„Згрозен сум од објавениот фејсбук статус на сметка на личната трагедија на кандидатот за градоначалник на Прилеп од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Борче Јовчески.
Без разлика дали станува збор за вистински или лажен профил, како политичар, но пред се’ како човек, најостро го осудувам крајно морбидниот и нехуман чин. Никој нема право да се изживува и да злоупотребува било чија лична трагедија за лични или било какви други интереси.
Во политиката, исто како и во животот, мора да постојат ,,црвени линии” кои не смее да се преминат.
Ова се локални избори кои треба да претставуваат борба на идеи и концепти, а не полигон за дисквалификација на било кој кандидат, од било која политичка опција.
Очекувам надлежните институции да преземат итни мерки, да го откријат сторителот и најстрого да го санкционираат“, напиша Сугарески.