Во моментов нема потреба за други мерки освен оние што се утврдени од Комисијата за заразни болести за да се заштитат учениците од ковид-19 во училиштата, изјави министерката Мила Царовска во врска со донацијата на брзи тестови од Општина Илинден за КОВИД-дијагностицирање во трите основни и во средното општинско стручно училиште „Илинден“.
„Не станува збор за желби и можности, туку за препораки од здравствените власти. Ако Комисијата за заразни болести утврдила протокол и постапување, сметам дека сите општини и сите училишта треба да ги почитуваат. Ако тие не препорачале тестирање, значи дека тоа нема додатна вредност во даден момент. Доколку тие утврдиле дека има потреба, тогаш ќе го спроведеме во сите училишта, но во моментов останува да се почитуваат препораките што се дадени, а тоа е да има дезинфекција, мерење температура и проветрување на просториите, изјави Царовска одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на средното училиште „Ѓорче Петров“ во Крива Паланка.
Според неа, училиштата се подготвени за преминување на моделот настава на далечина, наставниците се обучени и имаат пристап до националната платформа и секаде каде што досега се појавиле ковид-случаи и изолирање на учениците, рече, училиштата ги ставиле во функција овие алатки. Притоа посочи дека се видело оти системот функционира и е на располагање за онлајн-настава уште на 1 септември кога четири средни училишта во Тетово и Гостивар почнаа да работат онлајн.