ВИДЕО – После 65 години постоење прилепскиот Завод и музеј добива постојана Етнолошка поставка


После 65 години постоење прилепскиот Завод и музеј добива постојана Етнолошка поставка. Поставката содржи 350 предмети, но исто така голем дел вакви предмети се сместени во депото, со што се отвора можност поставката да биде променувана од време на време. Поставката е конципирана во 3 сегменти. Едниот е занаетчиство што е особен белег на прилепската чаршија која била една од најразвиените во Македонија во 19 век. Особено е интересна изработката на кантари.

„Занаетчиството е најраспространета дејност, ние се потрудивме да имаме предмети од сите тие најзначајни занаети, како казанџиски, ковачки, кујунџиски занает. Прилепските кантарџии и прилепските кантари се надалеку познати. Прилепските кантарџии носеле свои предмети за продажба дури до Турција, до Истанбул. И познато е дека секој мајстор си го обележувал својот кантар и се знае кој кантар е од кој мајстор направен во чаршијата“, рече Горан Цветкоски, етнолог.

Вториот сегмент е кујунџискиот занает и прекрасните разчни изработки на овие врвни прилепски мајстори.

„Кујунџискиот занает претставувал занает за изработка на сите украсни елементи кои ја изразувале облеката, сталежот на носењето и имотната состојба на населението. Колку побогато украсени елменти, толку побогато чорбаџиско семејство во градот“, истакна етнологот Цветкоски.

Во третиот сегмент е претставен традиционалниот начин на живот како стари фотографии, обработката на земјиштето, одгледувањето на стоката, народни носии, разни алати, а во централниот дел просторијата е поставена стара традиционална дрвена трпеза.

„Оваа изложба се подготвуваше подолг период, околу 3 години, ние последните пари од Министерството за култура ги добивме пред 2 години за витрините тука, а останатото е направено со наши сопствени средства. И успеавме да направиме еден солиден простор и да го презентираме ова богатство“, изјави Благоја Атанасоски, директор на Завод и музеј Прилеп.

Покрај оваа поставка под Заводот и музеј во Прилеп се и Археолошката поставка, Лапидариум, Музејот за тутун, Галеријата на икони, Меморијалниот музеј 11 Октомври, Спомен куќата на Кузман Јосифоски – Питу и Спомен куќата на Блаже Конески во Небрегово.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи