Премиерот Зоран Заев смета дека на фашизмот не трециба да му се дава етнички предзак па затоа од спомениците и учебните ќе биде отстранет зборот „бугарски“ а ќе остане само „фашистички окупатор“. Според Заев, и во Македонија за време на Втората светска војна имало лица кои биле соработници со фашистите и затоа не треба сега нациите да се врзуваат со фашизмот.
„Во делот на европеизацијата на земјава и нашата европска перспектива наше е дали ќе даваме етнички карактеристики на фашистичкиот окупатор. Ние зборуваме за политичкиот дел на одлучување кое се однесува на провокативност и неевропски манири, a други се областите на историската комисија. Во европските земји фашизмот нема етничка боја, нема национална боја. Фашистичкиот окупатор има поставеност во делови на структури, групи, или би го нарекол, одредени лидерства во целиот овој период. Ние имавме соработници на фашизмот и овде во Македонија целиот тој период. Не може да кажете дека цела една нација била фашистичка. Не можете да кажете и за нас дека сме биле сите со партизаните, бидејќи имало и некои кои биле соработници на фашистичкиот окупатр во Втората светска војна“, рече премиерот Заев.
Заев посочи дека граѓаните апсолутно ќе знаат кој бил на страна на фашизмот, но повтори дека не треба да се дава етнички предзнак и етничка придавка пред фашистичкиот окупатор.
„Фашистичкиот окупатор во светот нема етничка боја. Целта е да се избрише зборот бугарски, но ќе остане фашистички окупатор. Или ако има одредени други провокации кон нацијата, а не кон фашизмот и однесувањето во тој период, не можете да кажете дека градите добрососедство. Но, не смееме да обвинуваме цели нации за фашизам, како што не смее да се обвинува ниту германската, италијанската, ниту јапонската. Треба да бидеме ориентирани кон иднината. Зборувам и за учебниците. Во еден дел од учебниците е наше право и обврска како ќе ги учиме следните генерации да го осудат фашизмот и да си ја учат сопствената историја во која припаѓа и фашистичката окупација на Република Македонија тогаш“, додаде Заев.