Трета доза вакцина против ковид-19 од понеделник, брзи антигенски тестови за учениците


Од понеделник трета доза на вакцина ќе може да примат сите граѓани на возраст над 60 години, и сите здравствени работници и пациенти кои имаат имунокомпромитирана состојба, без оглед на возраста. Се најавува и скрининг на генералната здравствена состојба на населението, како и брзи антигенски тестови тестови за учениците во основните и средните училишта во државата.

Согласно сознанијата кои ги посочи министерот за здравство, Венко Филипче, на вчерашната прес-конференција, третата доза вакцина треба да биде од производителот „Фајзер“, а дополнително ќе следат препораки за вакцини од други производители.

Филипче информираше дека сите граѓани кои примиле втора доза во моментот кога ќе поминат 6 месеци ќе добијат СМС порака дека може да се јават и да примат трета доза вакцина и нагласи дека нема потреба да се заминува во странство за трета доза вакцина.

„Даваме препорака врз основа на искуства од други земји и меѓународни институции кои се тие категории граѓани кои треба да се вакцинираат. Значи сите граѓани без разлика на тоа со која вакцина се иницијално вакцинирани, може да се вакцинираат со трета доза вакцина. Има вакцини доволно во кој било пункт. Овој процес ќе започне од понеделник, поради тоа што некои работи треба да се спремат во електронскиот систем“, појасни Филипче.

Министерот сподели и дека 73 проценти од пациентите кои починале од ковид-19 имале најмалку две хронични болести, што, според него е факт кој бара еден детален скрининг на генералната здравствена состојба на населението. Тој рече дека скринингот ќе ја опфати здравствената состојба на пациентите претходно, типот на хронични болести, начинот на лекување, редовноста во земањето терапија и пристапот кон неа, колку често се јавуваат на контролни прегледи.

Скрининг, како што навести Филипче, ќе почне да се спроведува и на учениците во основните и средните училишта во државата, за што методологијата ќе биде детално презентирана. Скринигот на учениците, како што кажа тој, се должи на фактот дека тука има одредена, многу мала трансмисија, меѓутоа, скринигот ќе се прави поради тоа што многу често децата се и асимптоматски носители. Тој напомена дека станува збор за правење брзи антигенски тестови за Ковид-19.

Согласно податоците, 55 отсто од населението над 40 години имаат примено една доза вакцина и 31 отсто од населението над 18 до 39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Бројот на активни случаи изнесува 12 150. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 188 635, оздравени се 169 946 пациенти, а починати 6539.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи