Во јавноста се присутни бројни дилеми за пожарот во болницата кои се однесуваат на квалитетот на објектот, неговото менаџирање и надлежностите.
Планот за заштита од пожари требало да го обработи и спроведе болничкиот персонал под раководство на директорот на болницата во Тетово, велат од Светска банка за Дојче веле.
Тендерот за изградба на модуларните болници во земјава, вкупно 17, во октомври 2020 година беше спроведен согласно домашната регулатива и правилата на Светска банка. Македонската Влада зеде заем од 3,8 милиони евра.
ДВ деновиве ја објави проектната листа за модуларната болница во Тетово во која беа наведени надлежностите на централната и локалната власт, како и на првите луѓе на тетовската Клиника. Од Општина Тетово веќе излегоа со тврдење дека тие немале никаква надлежност во фазите од изградбата и контролата на објектот. Од надлежните во болницата досега немаше никаква реакција.
Во пожарот во тетовската модуларна болница загинаа 14 луѓе, 12 пациенти и двајца посетители на болните. Останатите 12 пациенти кои во моментот се нашле во објектот поминаа со повреди.