Владата на Република Македонија на денешната 109-та редовна седница ја разгледа и усвои Информацијата за состојбата со шумските пожари на територијата на Република Македонија, со пресек од 2019 до 15.08.2021 година.
Врз основа на податоците од информацијата за опожарените површини, а со цел да се санираат штетите согласно редовната и вонредната програма за пошумување на ЈП „Национални шуми“, Владата му препорача на Министерството за финансии да ги разгледа можностите за алоцирање средства во висина до 421, 2 милиони денари согласно проценката за висината на штетата за целосна реализација на програмата за пошумување.
Дополнително, Владата му препорача на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, во координација со Министерството за финансии, Секретаријатот за европски прашања и ЈП „Национални шуми“, да ги разгледаат можностите за утврдување извори за финансиски средства од фондовите на ЕУ и од програмите за климатски промени на Светска банка за набавка на комплетна современа опрема, вклучително и специјални теренски возила, за справување со пожари и други природни катастрофи во согласност со предвидените реформи на системот за заштита и спасување.