Инфо Компас неофицијално дознава дека помеѓу украденото оружје во прилепски Еурокомпозит се 4 ракетни фрлачи „ПОС“ 120 мм без муниција, еден школски ракетен фрлач „ПОС“ 120 мм, една школска зоља и 4 кабли во должина од 40 метри. Оружјето е украдено пред 2 дена од магацинските простории на фабриката. Инаку Еурокомпозит не работи веќе 2 години, а неколку месеци објектите и магацините се оставени без никакво обезбедување на милост и немилост на криминалците.
Од МВР не кажуваат официјално каков вид на оружје е украдено, а вработените денеска изјавија дека дека се работи за зољи и оружје кое се употребува против оклопни возила. Од вчера после оваа кражба полицијата повторно ја обезбедува фабриката.
„Ние немаме пристап до фирмата за да видиме колку оружје е украдено. Се работи за некои зољи и посови, оружја од армијата. Ние се сомневаме дека раководството ги прави овие кражби. Затоа што обични граѓани не знааат ниту каде се тие магацини, ниту пак како да се влези до таму. Се работи за зграда во која што е влезено на први и на трети спрат,токму таму каде што е оружјето. Во фабрикава се уште има и оружје и муниција, репроматеријали, има огромни штети направено, а ако продолжат вака ќе се направи уште поголема штета“, вели Роберт Богданоски, вработен во Еурокомпозит.
Претходно беше украдена трафостаницата со што била направена штета од околу 300.000 евра. Во овој момент некој и да сака не може повеќе да пушти електрична енергија во фабриката.