ВИДЕО – Во Прилеп започна одбележувањето на 80 годишнината од востанието против фашистичкиот окупатор

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Вечерва во Прилеп започна одбележувањето на 80 годишнината од подигнувањето на востанието против фашистичкиот окупатор на 11 октомври 1941 година кога започнува и борбата за слобода на македонскиот народ, која пак е продолжување на вековниот сон за создавање на сопствена македонска држава.

Свежо цвеќе се положи пред бистата на Тито која се наоѓа во Участакот, а го имаше и традиционалниот напад на градот и традиционалниот огномет. Мора да се потенцира дека за прв пат одбележувањето на празникот се одвиваше со толку големо полициско обезбедување, дури и самиот простор околу Участакот беше ограден со метална ограда и во тој простор каде што се одвиваше манифестацијата беше дозволен само влез на граѓани кои имаат посебна пропусница, останатите стоеја и гледаа од страна.

Инаку револуцијата започнува со нападот на градот на партизанскиот одред кој го носи името „Гоце Делчев“. Првата група партизани го убива стражарот на бугарскиот Участак, во истиот момент друга група пак на партизани го напаѓа затворот во Прилеп, а третата група ги прекинува телефонските врски и електричната инсталација, за да не може воениот гарнизон во Прилеп да биде информиран за нападот. Оваа борба е продолжување на борбата на Илинденците, а тој континуитет се гледа во тоа што партизанските одреди ги носат имињата на војводите од тој период како одред „Гоце Делчев“, одред „Јане Сандански“, одред Питу Гули,  дури и револуционерите од НОБ како прекари ги земал имињата на комитите, пример, Кузман Јосифоски – Питу.

Во 1941 година Прилеп броел околу 25.000 жители од кои 8.000 учествувале во НОБ. Од нив 2.700 биле директно со пушка во рака. Од 66 народни херои во Македонија 15 се од Прилеп. 10 загинале за време на НОБ, 5 после осбодувањето. За време на НОБ загинале 650 прилепчани, токму затоа во 1975 година Прилеп е прогласен за Град херој од тогашниот претседател и маршал на Југославија Јосип Броз Тито.

Вечерва по повод овој значаен јубилеј пред пристуните се обрати претседателот на Главниот одбор на Сојузот на Борците, кој и сам бил учесник во НОБ , Д-р. Никола Стојановски, истакна дека НОБ е само продолжување на борбата за слобода на македонскиот народ и токму затоа партизаните недвосмислено застанале рамо до рамо со антифашистичката коалиција. Порача да го чуваме ова парче земја.

„ Денешниот настан, оваа ноќ ми преставува посебен чин во мојот живот, во животот на моите другари и другарки, партизани и партизанки кои смело, без грам сомнеж се втурнаа во борбата и ги дадоа животите за нашата земја. Минати низ бури, пребрежја, искушенија, останавме свои на своето и горди дека нашата земја стана независна, суверена држава. Доживеав многу дни, од воени до државотворни, како јубилеј го доживеав и овој ден, 80 години од народното востание. Од овде, од Прилеп храбро и безрезервно со борба почна се. На 11 октомври се одбележува 80 години од почетокот на антифашистичката и народноослободителна борба на македонскиот народ 1941-1944 година. Овој период преставува континуитет во борбата за слобода на македонскиот народ и продолжување на историскиот процес за создавање на националната самобитност на Македонците и правото на самостојност. Поттикнати од своите идеали и државотворни стремежи Македонците ги обединија силите и застанаа на страната на антифашистичката коалиција и зедоа активно учество во борбата против фашизмот и окупаторите“, рече д-р. Никола Стојановски, претседателот на Главниот одбор на Сојузот на Борците на Македонија и учесник во НОБ.

Вечерва во Прилеп беше присутен и премиерот Зоран Заев кој истакна дека партизаните го препознале повикот на своите предци и го препознале моментот дека тие се таа генерација која конечно ќе го донесе сонцето на слободата. Македонскиот народ никогаш не окупирал, туку негова девиза постојано била да биде свој на своето. Заев рече дека партизаните ја донеле оваа држаав и слобода која денес ја имаме и нашиот аманет како генерација бил истата да ја чуваме.

„Силниот порив, силната волја и одлучност да се кренат против фашистичките окупаторски војски, да го продолжат државотворното дело на сите претходни генерации кои ја сонуваа самостојната македонска држава. Сопствениот живот го направија оружје за таа идеја, затоа што знаеја, затоа што видоа, затоа што препознаа дека слободата, правдината и државата се на чекор до остварување. Затоа што го почувствуваа силно во своите срца повикот на своите слободољубиви претходници, учители, преродбеници, револуционери, гемиџии и државотворци дека нивната генерација е предодредена да го дочека раѓањето на новото сонце на слободата. На крилата на тие дела, на илјадниците животи и на нивните завети се крена народноослободителната борба, се организираше партизанското движење и народниот отпор. Во име на должната почит, инспирација и восхит за нивните револуционерни и слободарски дела, нашите ослободители од народноослободителната војна ги именуваа партизанските одреди со имињата на Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Јане Сандански. Ги опеваа нивните имиња во борбената песна „Денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата“ и го вееја знамето на Крушевската Република за ослободување на Македонија, за создавање на државата и за изградба на општество достојно на вредностите, на прогресивните, демократските, антифашистички сојузнички сили на епохата“, изјави Зоран Заев, премиер на Македонија.

Одбележувањето на празникот продолжува утре со полагање на свежо цвеќе о оддавање почит на спомениците на Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифоски – Питу, Алејата на Великаните, споменикот Жена Борец и Криптата на Могилата каде почиваат останките на 600 партизани. По повод празникот утре во Прилеп ќе присуствува и претседателот на Македонија, Стево Пендаровски кој ќе има свое обраќање на Паркот на Револуцијата, а свое обраќање треба да има и претседателот на Општинскиот одбор на Сојузот на борците од Прилеп, Круме Соколовски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи