На вечерашната трибина која ја организираше Локалниот Огранок на Левица – Прилеп целта беше презентација на советничката листа и програмата со која Левица ќе настапи на претстојните локални избори во Прилеп. Свое обраќање имаа носителот на советничката листа, Иван Јованоски и претседателот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев.
На средбата беше присутен и пратеникот Борислав Крмов со членови на Президиумот.
„Левица на овие избори настапува со околу 40тина советнички листи на ниво на држава. Очекуваме за разлика од претходните локални избори во 2017та година кога освоивме само тројца советници како млада партија, сега очекуваме над 60тина советници на ниво на држава. Имаме стандардни мерки коишто ги предлагаме во сите средини, зависно од тоа дали се урбани или рурални средини и потоа секој локален огранок си прави автономно своја програма бидејќи локалците, жителите најдобро си ги знаат своите проблеми.
Во Прилеп очекуваме да влеземе во советот со околу 5 советници се со цел да ги поматиме сметките на големите партии за да во иднина целиме и кон освојување на мнозинство на совети. Овие избори се клучни според мене, затоа што се менува политичката клима. Мислам дека Заев ќе доживее политичка пензија после овие избори“, вели Апасиев.
Денеска во Прилеп на одбележувањето на 11 Октомври се случи неочекувана ситуација во криптата на Могилата на непобедените кога активисти на Левица се обидоа да ја попречат државната делегација да положи цвеќе блокирајќи го патот.
За Инфо Компас свој став за т.н. инцидент искажа и Апасиев кој вели дека воопшто немало инцидент, туку настанот е само демонстрација на непокор.
„Не, денеска немаше инцидент. Инцидентот е само во главите на ботовите од СДС. Денес имаше демонстрација на народниот непокор, на прилепскиот инает и на Могилата на непобедените каде што на квинслинзите им се покажа страничното место во историјата, така и ќе завршат, бидејќи го продадоа сопствениот народ, а македонскиот народ не ги трпи своите предавници“, порача Апасиев.