Димитров: Бугарија прави тешко да ја гледаме како пријател

Facebook
Twitter
Email
Print


Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров во интервју за Би-Би-Си радио, кое го пренесува МИА вели дека прв пат по неколку години, ЕУ успеа да постигне консензус за да ја потврди својата посветеност кон проширувањето, потсетувајќи дека на претходните самити – оној во Загреб и тој во Софија – се зборуваше само за европската перспектива.

„Во таа смисла, сега барем имаме политички сигнал, но тоа што ќе биде потребно за да се врати довербата кај луѓето дека тоа е всушност возможно, дека навистина постои европска иднина за нашиот регион, покрај добрите зборови, е акција. Веројатно, најголемиот пресврт за враќање на патот, ќе биде почеток на пристапните преговори со мојата земја, Македонија и со Албанија“, истакна тој.

Во врска со бугарската блокада за почеток на преговори со ЕУ Димитров посочува дека во Европа на 21 век прашањето за јазикот на кој зборуваме, односно за мајчиниот јазик за етничките Македонци во Северна Македонија е прашање за луѓето во земјата, а не прашање на друга земја, ниту прашање на некоја меѓународна организација.

„Во Европа на 21 век, на кој јазик зборуваме, кој ни е мајчин јазик – за етничките Македонци во  Македонија тоа е македонскиот јазик, ова е прашање за луѓето во земјата. Ова не е прашање за друга земја, не е прашање за меѓународна организација. Инвестиравме многу во нашите односи со Бугарија, го потпишавме Договорот за пријателство во суштина велејќи – ние владите ќе работиме гледајќи кон иднината, за да ја зголемиме нашата соработка, Бугарија ќе ни помогне на нашиот евроинтегративен пат, а за прашањата на историјата, формиравме Комисија на историчари за да разговара за оние делови од нашата историја кои што се заеднички и кои ги поврзуваат двата народи, двете земји“, рече Димитров.

Тој нагласи дека решението на спорот со Бугарија мора да биде европско.

„Нивното прашање е: овие нови шест земји, дали ќе донесат повеќе проблеми или ќе донесат повеќе решенија? Другата перспектива е, ова е регион опкружен со земји членки. Ние сме во ист брод во економска смисла. Три четвртини од трговијата на регионот е со Европа, три четвртини од странските директни инвестиции што доаѓаат во регионот се од земјите членки на ЕУ. Ако Европа е куќа, а Западен Балкан е просторија која не е дел од куќниот ред, која не е вклучена во системот на електрична енергија, снабдување со вода, клима уред итн. Тоа не е добро за самата просторија, но исто така не е добро и за целата куќа“, истакна Димитров.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи