Во недела на 17 октомври, на локалните избори, граѓаните на Македонија ке ги избираат своите градоначалници и општински советници, за кои веруваат дека ќе ги исполнат ветувањата што ги даваат во изборната кампања.
Ден претходно, во сабота, ќе гласаат припадниците на Армијата, старите и изнемоштени лица и притворениците и затворениците. Кај лицата позитивни на Ковид-19, самоизолираните и лицата во изолација гласањето ќе биде извршено со тимови составени од медицински лица. Изборите ќе се одвиваат со строги протоколи за заштита од ширење на корона вирусот.
Денеска ДИК ги доставува изборните материјали до избирачките комисии а утре читачите на отисок на прст. Изборниот молк започнува од утре на полноќ, кога завршува изборната кампања.
Во Македонија за гласање прв пат ќе бидат употребени т.н. финерпринт апарати, односно читачи на отисок од прст за биометриска идентификација на гласачите. Уредот ги чита отпечатоците на прстите и се обидува да најде совпаѓање со отпечатоците во електронскиот Избирачки список за сите гласачи запишани на тоа гласачко место.
Како што информираа од ДИК, утре, со придружба и обезбедување на полицијата, ќе бидат доставени сите уреди за биометриска идентификација во општинските изборни комисии, кои и таму ќе бидат соодветно обезбедени од полицијата. Уредите за биометриска идентификација на гласачите се комплетно подготвени и наполнети со отпечатоците од прсти на гласачите од избирачкиот список, добиени од страна на МВР. За потребите на 3480 избирачки одбори има 4000 терминали набавени од германската компанија „Дермалог“.
Отпечатокот од прст внесен во електронскиот избирачки список е ист со отпечатокот што го бара/зема полицијата кога вадиме лична карта.