Фејсбук најави дека во наредните години ќе отвори 10.000 нови работни места во ЕУ за висококвалификувани професионалци кои ќе помогнат во изградбата на „мета-верзум или мета-вселена”.
Метаверзум е онлајн свет каде луѓето можат да играат, работат и комуницираат во виртуелно окружување, најчесто преку користење на очила за виртуелна реалност.
Предводник на овој концепт е директорот и сопственик на Фејсбук, Марк Закерберг, а метаверзумот е еден од најголемите приоритети на компанијата, пишува Би-Би-Си.
Од Фејсбук посочуваат дека инвестирањето во ЕУ нуди голем број предности, меѓу кои и пристапот до голем потрошувачки пазар, првокласни универзитети и квалитетен талент.
„Освен технолошкиот талент што се појавува, ЕУ исто така има важна улога во формирањето на новите правила за Интернет. Европските креатори на политики го водат патот во вградувањето на европските вредности, како што се слободата на изразување, приватноста, транспарентноста и правата на поединците, во секојдневно работење на Интернет“, стои во соопштението од Фејсбук.