Ефикасна применлива дигитализација преку директна едукација во земјоделството и руралниот развој е клучен предуслов за создавање на модерно и конкурентно земјоделско производство!

Рурална Коалиција, како водечка национална организација која делува на полето развој на руралните средини и земјоделството, составена од 50 локални здруженија од државава, превзема конкретни активности на терен кога станува збор за унапредување на дигиталните вештини кај населението во руралните средини и зголемување на нивото на компјутерска и дигитална писменост.

Потребно е итно дејствување со цел дигитализација на секторот и запознавање на руралното население со дигиталната агенда, порталот за е-услуги, но и за зголемена едукација при употреба на веќе достапните е-услуги.” – вели Лилјана Јоноски, Извршна директорка на Рурална Коалиција.

Од Рурална Коалиција сметаат дека час поскоро треба да се дејствува во насока на воведување на едукативни модели/курикулуми наменети за зголемување на дигиталните вештини кај земјоделците и жителите во руралните средини, кои би се реализирале во соработка со засегнатите институции (МИОА и Агенцијата за вработување), но и да се подготват лесно разбирливи и достапни апликации со детални упатства за користењето на е-услугите. Токму во таа насока Рурална Коалиција веќе изготви 2 едукативни видеа и тоа: првото, за добивање на е-услуги преку националниот портал https://uslugi.gov.mk/ , и второто, кое што на многу едноставен и разбирлив начин го објаснува процесот на електронско аплицирање за добивање на субвенции што се смета за една од најзначајните услуги за земјоделците со оглед на тоа што над 90.000 земјоделци годишно аплицираат за субвенции.

Од друга страна, пак, според истражувањето кое неодамна го спроведе организацијата, иако голем дел од земјоделците рекле дека се начелно запознаени со електронските услуги од нивниот домен на работење (како што се на пример електронското аплицирање за субвенции, електронско издавање на имотни листови, електронско следење на временската прогноза и сл), сепак, во огромно мнозинство (82,5%) кажале дека не ги користат овие услуги, а 54% од испитаниците од руралните средини рекле дека воопшто не се запознаени со порталот uslugi.gov.mk, што пред се е резултат на недоволна доверба и информираност за користење на електронските услуги.

 

Ако сакаме да направиме успешна дигитална трансформација на секторот земјоделство мора да ја зголемиме и сигурноста и довербата во е-документите, но и да ги промовираме и споделиме успешните примери на користење на дигиталните услуги и бенефитите од нив помеѓу земјоделците и жителите во руралните средини. Дигитализацијата во земјоделството е важна не само за полесен пристап до информации и јавни услуги туку таа овозможува и полесно малите и витални земјоделски стопанства да можат многу полесно да се прилагодат на новонастанатите пазарни ситуации, и поуспешно и побрзо да направат реформи со кои ќе станат поконкурентни, а со тоа и да го задржат пазарот денес и во следните децении. За сето ова ефикасно да се реализира мора да обезбедиме директна поддршка на терен и работа со земјоделците.” – заклучуваат од организацијата.

Токму затоа Рурална Коалиција, овој есенски период е постојано на терен спроведувајќи ги при тоа практичните обуки за користење на е-услугите од националниот портал uslugi.gov.mk , како и детално разјаснување на постапките за електронско аплицирање за субвенции. Обуките се одржуваат во 5-те плански региони во кои што се спроведува проектот и тоа: Полог, Пелагонија, Североисточен, Југоисточен и Југозападен, а истите ги спроведуваат претставници на локални здруженија кои што претходно поминаа детална обука за обучувачи, а се со цел токму локалните лица препознаени од заедницата да бидат тие кои што ќе ги споделуваат знаењата со своите сожители. На самите обуки се говореше и за услугите, како и логистичката и техничка поддршка која што ја нуди е-центарот со седиште во Кичево, а исто така се промовираше и платформата https://e-zemjodelskiuslugi.mk/ каде што може да се најдат сите информации поврзани со секторот земјоделство и рурален развој.

Обуките кои што се спроведуваат на терен се дел од проектот „Дигитализација во земјоделството – СЕГА!“ финансиран како подгрант во рамките на проектот „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА“ кој што го спроведува Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академија за е-владееење (Естонија), Levizja Mjaft! (Албанија), ЦРТА- Центар на истражување, транспарентност и отчетност (Србија), НВО 35мм  (Црна Гора) и ODK – Oтворени податоци Косово (Косово). Проектот се спроведува со финансиска поддршка од Европската Унија.

Рурална Коалициjа е една од трите организации од Северна Македониjа коjа што стана дел од регионалната мрежа ИЦЕДА – Мрежа за зголемување на граѓанското учество во спроведувањето на Дигиталната агенда, која што освен во Северна Македонија е активна и во Албаниjа, Косово, Црна Гора и Србиjа.

Автор: Рурална Коалиција.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи