Проблемот со паркирани возила на места каде што тоа не е дозволено, е дел од проблемите со кои секојдневно се соочуваат сите учесници во сообраќајот, но и проблем кој го создаваат самите учесници во сообраќајот.
Секојдневно се сретнуваат слики на: блокирани тротоари, приоди и патеки, оневозможено безбедно движење на пешаците и на велосипедистите, на лицата во инвалидски колички, на лицата со оштетен вид, на мајките со деца…
Неправилното паркирање е причина за голем број сообраќајни незгоди во кои страдаат децата, пешаците и велосипедистите. Водејќи се од тоа, РСБСП упатува потсетување до возачите на кои места не е дозволено да се паркира:
- Возачот, односно сопственикот на возилото не смее да го запре или паркира возилото на место на кое тоа би ја загрозувало безбедноста на другите учесници во сообраќајот или би претставувало пречка за нормално одвивање на сообраќајот или за движењето на пешаците и велосипедистите.
- Возачот, односно сопственикот на возилото не смее да запре или паркира возило:
– на обележан пешачки премин, како и на премин на велосипедска патека преку коловозот и на оддалеченост помала од 10 метри од тие премини,
– на крстосница и на оддалеченост помала од 10 метри од најблискиот раб на напречниот коловоз,
– на мостови, во подвозници, на надвозници како и на растојание помало од 15 метри од мостови, тунели, подвозници и надвозници,
– на дел од јавен пат во близина на врв од преслап и во кривина, каде што прегледноста на патот е недоволна и каде што обиколување на возилото не би можело да се изврши без опасност,
– на место на кое возилото би го засолнувало поставениот сообраќаен знак или уредот за давање светлосни сообраќајни знаци,
– на велосипедска патека, односно лента,
– на тротоар, односно пешачка патека,
– на дел од јавен пат, односно на оддалеченост помала од 15 метри од премин на патот преку железничка пруга во исто ниво,
– на дел од коловозот, кој како стојалиште за возила на јавниот сообраќај е обележан со ознаки на коловозот ,
– на оддалеченост помала од 15 метри пред и зад знакот со кој е обележано стојалиште за возилата за јавен сообраќај,
– пред влез во објект, двор или гаража,
– на хортикултурно уредени зелени површини, градски зеленила и паркови,
– над приклучок на водоводната мрежа или влез во канализација или друга мрежа на комуналните претпријатија,
– на места предвидени за движење и паркирање на лица со посебни потреби,
– на место каде паркираното возило би го оневозможило пристапот на друго возило, заради паркирање или излегување на веќе паркирано возило,
– на плоштад, пешачка зона и противпожарен пат,
– на паркинг место кое со дополнителна табла, сообраќаен знак или ознака на коловозот е обележано место за паркирање на возила за лица со посебни потреби.
Статичкиот сообраќај, односно паркирањето значително влијае на текот и на безбедното одвивање на сообраќајот.
РСБСП со апел: Безбедноста во сообраќајот нека биде ваш приоритет! Без изговори и без оправдувања! За непречено движење на сите учесници во сообраќајот – ПАРКИРАЈ СОВЕСНО И ОДГОВОРНО!
#ПАРКИРАЈСОВЕСНО! #ПАРКИРАЈОДГОВОРНО!