Бројот на исплатени штети зголемен за 15%, осигуреници наплатиле 31,5 милиони евра

Facebook
Twitter
Email
Print

Осигуреници наплатија 35.163 штети од осигурителните компании во првите шест месеци годинава. Тоа е за 15 отсто поголем број на исплатени штети за неживотно осигурување во однос на истиот период лани. Во првите шест месеци годинава 11 осигурителни компании за неживотно осигурување на осигуреници исплатиле вкупен износ на штети од 1,94 милијарди денари (31,5 милиони евра). Тоа е 20 отсто повеќе од првите шест месеци во 2020 година, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО).

Најголем раст на бројот на исплатени штети во овој период е регистриран кај приватното здравствено осигурување – класа со највисок раст во периодот на здравствената пандемија предизвикана од вирусот COVID 19. Во периодот јануари – јуни годинава се исплатени 9.144 штети покриени со договори за осигурување и тоа е за 68 отсто поголем број исплатени штети во однос на истиот период лани. За првите шест месеци осигуреници од покритија за приватно здравствено осигурување наплатиле 92,6 милиони денари (1,5 мил.евра).

Кај осигурувањето на имот, најголема класа доброволно осигурување според вредноста на вложувањата во полиси, за шест месеци се исплатени 4.022 штети. Тоа е за 3 отсто повеќе од истиот период во претходната година. По основ на тие штети осигурениците наплатиле 292,1 милиони денари (4,75 мил.евра).

Кај најмасовната доброволна класа – осигурувањето од незгода за првите шест месеци се исплатени 3.573 оштетни побарувања и тоа на исто ниво во однос на лани. Вредноста која осигурителните друштва ја платиле на осигуреници изнесува 249,4 милиони денари (4,05 мил.евра).

По основ на каско осигурување за моторни возила реализирани се исплати за 3.661 штета или 3 отсто помалку од лани. За овие штети компаниите на осигурениците исплатиле 224,1 милиони денари (3,6 мил.евра).

Очекувано најголем број на исплатени штети има кај законски задолжителното  осигурување од автомобилска одговорност. Исплатени се 13.603 штети што е 19 отсто повеќе од истиот период во 2020 година. Вредноста на исплатените штети во оваа осигурителна класа за овој период изнесува 875,9 милиони денари (14,24 мил.евра).

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи