ВИДЕО – Ексклузивно откритие на прилепскиот архив: За прв пат во Македонија пронајдена карта на која е трасиран Виа Игнација


Сосема случајно при тековни работни во одделот за имотно-правни работи прилепскиот архив ја откри засега единствената карта пронајдена во Македонија на која е трасиран и исцртан римскиот пат Виа Игнација кој поминувал и низ територијата на државава. Се работи за карта од 1883 година на која се опишува имотот што извесен Хусрев Бег паша во тоа време го подарува на жителите на селото Крстец откако заминува во војна. На жителите им подарил 109 декари земја, две воденици и еден Ан.

„Значи Виа Игнација од Драч, од Албаниј,а поврзувајќи ги Радожда, Струга, Ресен, Охрид-Лихнида, Битола-Хераклеја, Лерин па се до Солун. Јас електронски мислам да ја внесам картата со превод за да може секој да ја види и да биди еден поттик за историчарите и истражувачите“, истакна Елена Чагороска, директор на прилепскиот архив.

Инаку Виа Игнација е изграден за поврзување на Рим со Цариград односно на Западот со Истокот, изграден е околу 146 година п.н.е., а се градел цели 44 години. На картата и Прилеп е поврзан со пат со Битола, но се не знае кога тој пат е изграден. Исто така интересно откритие е тоа што на картата има и два пата од Прилеп за Велес, еден преку селото Присад, а друг преку селото Крстец, овој пат за Велес е исцртан на картата се до Куманово.

„Како исцртана на карта прв пат јас сретнувам за Виа Игнација и драго ќе ми биде ако некој до сега има некое слично сознание или пак пишан документ. Ова да ние биде поттик бидејќи имам сознание дека во Радожда 1,5 километри газиме од тој пат, Виа Игнација, исто така еден период и кај Хераклеја беше пронајден, додека во Грција, кај Лерин и на неколку други места, постојат делови од патот и тој е трасиран“, додаде Чагороска.

Овој пронајдок е благодарение на Мустафа Алиоски, по потекло од прилепско вработен во архивот во Скопје кој ја превел картата која е напишана на османлиски и арапски јазик. Од архивот во Прилеп  се надеваат на многу вакви значајни откритија бидејчи голем број документи од Османлискиот период веќе биле дадени на преведување.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи