Девет компании се јавија на повторениот повик за набавка на јаглен за третиот блок на РЕК Битола за дополнително производство на електрична енергија наменето за стопанството и државните институции. Понудите ги исполнуваат бараните количини од 900 илјади тони јаглен, информира АД ЕСМ. Понуди се доставени од домашни фирми од два рудника, како и од фирми од Косово, Албанија, Босна и Херцеговина и од Турција.
„Следува техничка евалуација, односно проверка дали понудениот јаглен ги задоволува минимум техничките карактеристики, по што ќе се прави економско-финансиска евалуација на понудите. Што се однесува до јагленот за ТЕЦ Осломеј од првиот повик за набавка, се очекува во понеделник да се официјализира изборот на понудувачот на 300 илјади тони јаглен и да се потпише договор, по што веднаш ќе започне испораката со динамика предвидена во договорот“, велат од АД ЕСМ.