Македонија е меѓу земјите со висок ризик од изложеност од сиромаштија, каде повеќе од една третина од населението се под тој ризик (околу 35 %), покажуваат податоците на Статистичката агенција на ЕУ – Евростат за 2020 година.
Податоците на Евростат се однесуваат на земјите-членки на Европска унија, Европската економска област и земјите од Западен Балкан.
Најлошо рангирана земја од регионот е Албанија каде над половина од населението (51 %) било изложени на ризик од сиромаштија или социјална исклученост.
По Албанија следат Црна Гора со 40 отсто од популацијата, па Турција со 38 проценти и Македонија со околу 35 проценти од населението изложено на ризик од сиромаштија.
Под ризик од сиромаштија се подразбираат домаќинства кои се соочуваат со тешка материјална и социјална ранливост, не можат да си дозволат одредени материјални работи или социјални активности или имаат многу низок интензитет на работа, ниво на образование и друго.