Одбележани 77 години од ослободувањето на Прилеп

Со полагање свежо цвеќе пред спомениците на Методија Андонов-Ченто, Кузман Јосифоски-Питу, Могилата на непобедените и споменикот на Песјобрдце, Општина Прилеп го одбележа 3-ти Ноември, Денот на ослободувањето на градот под Марковите кули.

Градоначалникот Борче Јовчески, претседателот на Советот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, претставници на АРМ, боречката организација, политички партии и здруженија на граѓани, се поклонија пред загинатите борци и им оддадоа почит на сите учесници во Народноослободителна борба против фашистичкиот окупатор. Честитајќи им го на своите сограѓани Денот на ослободувањето, градоначалникот Борче Јовчески истакна дека оставиме аманет на следните генерации да го чествуваат, почитуваат овој Голем ден, зашто е во чест на сите кои ги положија животите за слободата на Прилеп.

„Тука, на ова свето место, Могилата на непобедените, каде почиваат останките на борците од Втората светска војна, борците, кои ги дадоа своите животи за слободна, самостојна Македонија, кои се изборија за слободен град, на овој ден, кога го славиме Денот на ослободувањето од фашистичкиот окупатор, се поклонивме, им одадовме почит за нивното херојство, нивната жртва, за тоа што го дадоа за својот град. Им благодариме за идеите, за потребата да си свој на своето. Ветуваме, дека, како генерација ќе се грижиме за почитта кон нив, да не бидат заборавени, но и да го вратиме сјајот на Паркот на револуцијата, изграден во нивна чест, како и на сите споменици на културата. Но, и да им оставиме аманет на следните генерации да го чествуваат, почитуваат овој Голем ден, зашто е во чест на сите кои ги положија животите за слободата на Прилеп“, истакна градоначалникот Јовчески.

Градоначалникот Борче Јовчески заедно со претседателот на Советот на Општина Прилеп Дејан Проданоски, присуствуваа на изложбата на дела создадени на годинашната Ликовна колонија Дрен 2021. Изложбата се состои од над 20 дела создадени од сликарите Мирослав Живковиќ и Снежана Малетин од Србија, нашите уметници Мирјана Крстева Масети, Александра Петкова – Џианели, Буба М. Солак, Драган Најденовски, Новица Трајковски, Тони Чатлески, Стефан Малбашиќ и скулпторите Слободан Милошески и Марјан Стојаноски. Исто така градоначалникот Јовчески ја посети и изложбата Арт хепенинг на Ротари клубот од Прилеп која јубилејно по 10 пат се одржа пред платото на НУЦК „Марко Цепенков“ по повод денешниот 3-ти Ноември.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи