ЛАГ АГРО ЛИДЕР одржа онлајн настан на кој во соработка со австриската организација Wien Work споделија искуства од пилотирањето на услуги за поддршка до вработување за млади лица. На настанот учествуваа претставници на граѓански организации од нашата држава, Романија, Италија и Србија кои во фокусот на своите организациски активности ги имаат иницијативите за вработување на млади, од кои дел се услугите за поддржано вработување.
Поддржано вработување успешно се користи со децении како персонализиран модел за поддршка на лицата во обезбедување и задржување на вработување. Моделот користи стратегија за партнерство за да им овозможи на лицата да стигнат до одржливо долгорочно вработување, а од друга страна им дава поддршка на бизнис ентитетите да вработат квалификувани работници.
Поддржаното вработување е иновативен процес кој овозможува вработување како остварлива цел за младите лица во нашето општество. Моделот е флексибилен и континуиран процес, дизајниран да ги задоволи сите предвидени потреби, и креирањето на овој модел е усогласено со иницијативите на Европската унија за поддржано вработување.
Пилотирањето на овие услуги забележа позитивни резултати и се покажа како одличен метод за развој и интегрирање на соодветни механизми за обезбедување на вработување на млади лица, што е од особено значење во денешно време на социо-еконоска криза последица на пандемијата со КОВИД-19.
Услугите за поддржано вработување на млади овозможуваат поврзување на јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор и преку примена на техники за младинско учество, стручно профилирање, вклучување на работодавачите, усогласување на работните места и поддршка при работа обезбедуваат одржливо вработување на млади лица.