Често слушаме реченици од типот: „Младите немаат доволно познавање од политика“, „Младите не се заинтересирани да ги следат политичките настани“, „Поголемиот дел од младите сметаат дека се исклучени од процесот на одлучување и чувствуваат дека политичарите не ги застапуваат нивните интереси“.
Според истражувањето во 2020 година, мнозинството од младите во Македонија сметаат дека Собранието е генерално затворено за јавноста, додека најголем дел од нив изјавуваат дека не се запознаени со механизмите, ниту се обиделе да се вклучат во неговата работа. Довербата која младите од Македонија ја имаат во Собранието е релативно ниска, оценувајќи ја со 4.1 на скала од 1 – најниска, до 10 – највисока. И покрај тоа што мнозинството од младите, во Собранието гледаат како важна институција која има значајна улога во политичкиот живот во државата, сепак сметаат Владата до извесен степен ја контролира неговата работа. Во однос на нивната перцепција за Собранието на Македонија, повеќе од половина од младите сметаат дека оваа институција е делумно или целосно затворена за учество најавноста во неговата работа. Во линија со ниското ниво на информираност кај младите за механизмите за вклучување во работата на Собранието, најголем дел од младите (93%), никогаш не се обиделе да учествуваат во неговата работа.
Тоа се однесува на тоа што во претставничките функции на власт нема многу млади. Моментално од избраните пратеници (2020-2024) од вкупно 22 партии што го сочинуваат Парламентот, младо лице до 29 години е само 1 претставничка на политичка партија.[1].
Додека пак во моментот на парламентарните избори, непосредно по формирањето на Владата, во Собранието имало четворица пратеници помеѓу 18 и 29 годишна возраст. [2]
Овие наоди ја потенцираат важноста на визијата на една земја, со оглед на тоа дека насоката на идниот развој на една земја зависи од вредностите и позицијата на новите генерации. Особено важно е да се препознае позицијата на младите во општеството и да се согледаат нивните ставови и перцепции во однос на различни прашања. Затоа, од исклучителна важност е да се признае положбата на младите во политичкиот живот и да се земе во предвид начинот на кој тие гледаат и ги восприемаат во однос на различните прашања и тоа би можело да биде реализирано само доколку има одредено процент на млади во претставничките функции на власт во парламентарниот состав.
Просечната возраст на кандидатите за пратеници на последните парламентарни избори во Македонија одржани во 2020 година изнесувал 42,5 години. Иако младите имаат релативно висок број на кандидати, односно 19,17% од кандидатите за пратеници биле до 29 години, тие најчесто биле на позиции каде што имале помали шанси да освојат пратенички мандат.[3]
Со оглед на оваа положба, политичките партии треба да се залагаат за зголемување на вклученоста на младите во сите структури и да ги третираат младите како активен и суштински чинител во нивните програми. Политичките партии во нивните агенди би требало да дискутираат повеќе за заеднички прифатливи мерки за младите. Значајна потенцијална платформа во врска со ова прашање треба да биде Клубот на пратеници за младински прашања и политики што беше формиран во Собранието на Република Македонија, како неформално тело на Собранието на Република Македонија во кое членуваат пратеници од сите парламентарни партии кои имаат за цел да ги застапуваат интересите на младите во Република Македонија, преку соработка со младинските организации, неформални младински групи и политичките подмладоци на политичките партии.
Клубот на пратеници би требало да ја потенцира оваа положба и да застапува две клучни прашања кои се во интерес на политичкото учество на младите. Прво, на ниво на поголема демократизиација внатре во партиите со цел да се обезбеди поголема независност на подмладоците во внатрепартиското организирање и давајќи посебенентитет на политичките подмладоци. Второ, да се загарантира политичкото учество на младите во законодавниот дом, а водејќи се по праксата на учество на жените во политиката, да се иницираат промени во изборниот законик, каде што бројот на млади на листите за парламентарни избори ќе биде загарантиран. Овие две законски промени се неопходни, на кои за жал се покажа дека доколку се остави на „широката свест на возрасните“, тогаш младите никогаш нема да го уживаат вистинското учество и вклученост.
Автор: Викторија Смилеска, Коалиција на младински организации СЕГА
[1]https://www.sobranie.mk/segashen-sostav-2020-2024.nspx
[2]https://www.wfd.org/wp-content/uploads/2021/03/Youth-Political-Absence-MK-web.pdf
[3]https://www.wfd.org/wp-content/uploads/2021/03/Youth-Political-Absence-MK-web.pdf