ССМ е против барањето на Стопанска комора за тестирање на невакцинираните работници на свој трошок

Facebook
Twitter
Email
Print


Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) е децидно против барањето на Стопанската комора за тестирање на невакцинираните работници на свој трошок.

„Законот за работните односи и Законот за безбедност и здравје при работа во ниедна своја одредба не укажуваат на ваквата можност, напротив секое барање и инсистирање на работодавачите во врска со здравствената состојба на работниците изречно во законите е наведено дека е на трошок на работодавачите“, велат од ССМ.

Од ССМ нагласуваат дека нема да дозволат изигрување и непочитување на законите, нивно произволно толкување, а со тоа и создавање на целосна правна несигурност на работниците и граѓаните.

„Дотолку повеќе што веќе ја известивме јавноста дека и најкомпетентната институција Државниот инспекторат за труд (ДИТ)  постапувајќи по пријава на ССМ се изјасни дека не смеат работодавачите да ги присилуваат и задолжуваат невакцинираните работници да се вакцинираат или да прават контролни тестови, а тоа да го условуваат со забрана за доаѓање на работа. Очекуваме погласна и посериозна објава, став и мислење од ДИТ, зашто проблемите на кои ќе наидеме ќе бидат заеднички, односно непоткрепените со закон активности ќе предизвикаат лавина од приговори, тужби, а можно е и неконтролирани протести“, наведуваат од ССМ.

ССМ апелира до членството и граѓаните сериозно да ја сфатат потребата од вакцинација.

„Ги повикуваме работниците слободно и по своја волја да одлучат за сопствената имунизација, не прифаќаме уцени и присила во тој поглед, а бараме од работодавачите да создадат работни услови прилагодени на донесените Ковид мерки од страна на Владата, односно работни услови во кои работниците ќе ги обавуваат работните задачи на потребна дистанца, ќе се обезбеди соодветна вентилација на работните простории, заштитни маски и дезинфикациски средства на товар на  работодавачот, поголема контрола на користењето на јавниот превоз и превозот на работниците организиран од работодавачите“, стои во соопштението од ССМ.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи