На денешен ден пред 82 години е испечатена „Бели мугри“ на Кочо Рацин

Facebook
Twitter
Email
Print


На денешен ден, 15 ноевмри во 1939 година во градчето Самобор, во непосредна близина на Загреб, во печатницата на Драгутин Шпулер, излегла од печат збирката песни „Бели мугри” од македонскиот поет и револуционер Кочо Рацин.

Збирката, испечатена во 4.000 примероци, претставува извонредна поетска слика на најтипичните социјални појави во Македонија пред почетокот на Втората светска војна.

Таа претставува стремеж за афирмација на македонската национална култура.

Таа е трета стихозбирка објавена на македонски јазик по стихозбирките на Венко Марковски, „Народни бигори“ и „Огинот“, објавени во 1938 година. Стихозбирката е испечатена на 25 ноември во печатницата на Драгутин Шпулер во 4.000 примероци. Според вообичаената комунистичка практика, насловот е испечатен со црвени букви, а поради опасноста да се дознае идентитетот на авторот, Коста Солев ја објавил под псевдонимот „К. Рацин“. Стихозбирката била дистрибуирана низ целата тогашна Југославија и во Пиринска Македонија и постигнала голем успех.

Осврт кон делото

Стихозбирката „Бели мугри“ е составена од 12 песни, во 5 циклуси напишани на велешки дијалект со примеси од западно-македонските говори, во кои доминираат социјалните и револуционерните теми. Насловот на стихозбирката е симболичен – пејзаж кој е посакуван од работниците, аргатите и сите експлоатирани луѓе. Тоа е ново утро, нов почеток, нов живот во кој сите ќе бидат еднакви. „Бели мугри“ била создадена под влијание на народната поезија, како и на „Зборникот“ од браќата Миладиновци. Највпечатливи мотиви во Рациновите песни се: аргатската мака („Денови“ и „Селска мака“), социјално-класната неправда („Тутуноберачите“), револуционерен повик („Копачите“), патриотски мотиви („Елегии за тебе“, „Уторото над нас“ и „Татунчо“), жал за пропаднатите занаети („На Струга дуќан да имам“) и печалбарската тага („Проштавање“).

Збирката претставува извонредно крупен настан во културната и политичката историја на македонскиот народ и пошироко. Тоа е врвен дострел на Рациновото творештво. Дело неделиво од неговиот живот и неговото класно и национално определување. Дело со кое ги потврдува можностите за изразување и на најсуптилните чувства на јазикот кој бил забрануван и одрекуван. Творечки се потпира врз достоинството што ги носи македонското народно епско и лирско творештво збогатени со сопствен творечки однос. Се создава поезија изворна и своевидна, автентична и длабоко доживеана со јазик на убавината. Со полна поетска сугестивност и емотивност ги изразува црнилата на животот на македонскиот човек и вечните стремежи на човекот за подобар, поправичен свет, песни што ќе ги отворат прозорците за благороден културен натпревар со другите народи во светот.

Со „Бели мугри“ се отворил пат на современата македонска книжевност и така Кочо Рацин станал еден од основоположниците на современата македонска книжевност.

Стихозбирката содржи 12 песни:

Денови, Печал, Селска мака, Тутуноберачите, Ленка, Проштавање, Балада за непознатиот, Елегии за тебе, Утрото над нас, Татунчо, На Струга дуќан да имам, Копачите.

Во 1963 година, по повод 20-годишнината од смртта на Рацин, издавачката куќа „Кочо Рацин“ го објавила фототипското издание на „Бели мугри“. Книгата е испечатена во мај 1963 година, во Графичкиот завод „Гоце Делчев“ во Скопје, во тираж од 8 000 примероци. Автор на корицата е Коста Бојаџиевски. Книгата не е каталогизирана и ја нема меѓународната ознака ISBN.

Според издавачот „Бук рајет“ (Book riot) „Бели мугри“ е книга на македонски јазик преведена на најмногу странски јазици.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи