29 ноември, Денот на Републиката – Братството и единството во Југославија денеска ќе полнеше 78 години

Facebook
Twitter
Email
Print


Денот на Републиката – празник во бивша Социјалистичка Федеративна Република Југославија кој се славел на 29 ноември.

Денот на Републиката ја одбележувал годишнината од Второто заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Југославија во Јајце на 29 ноември 1943 година, кога претставниците на партизанското движење на отпорот прогласиле федерално уредување на Југославија и уставотворно собрание на Федеративна Народна Република Југославија на 29 ноември 1945 година.

Рамноправна федеративна членка на новата Федеративна Југославија стана и Македонија со македонскиот народ, што е важна етапа во патот на конститурањето на македонската држава кое ќе кулминира на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година.

На заседанието на АВНОЈ што се одржа во градчето Јајце, во Босна и Херцеговина, беше донесена историска одлука со која Југославија се конституира на федеративен принцип како заедница на пет народи, меѓу кои и македонскиот, и шест републики. Името ДФЈ ќе го носи до 29 ноември 1945 кога е преименувана во Федеративна Народна Република Југославија (ФНРЈ), за конечно на 7 април 1963 да го добие името Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ). Во тој период масовно се градела и унапредувала целата територија на државата. Сепак, по смртта на неприкосновениот југословенски водач Јосип Броз Тито на 4 мај 1980 година во југословенската федерација почнаа да јакнат процеси на дезинтеграција помогнати и од внатре и од надвор по што во последната декада од минатиот век почнаа процеси на раздружување.

Некогашните шест југословенски републики сега се самостојни држави од кои Словенија и Хрватска станаа земји членки на ЕУ.

Инаку, Денот на републиката во поранешната југословенска држава се прославуваше два дена, 29 и 30 ноември. Тој вклучуваше организирање на повеќе државни манифестоции и свечености, при што посебно беше значајно тоа што на тој ден првачињата стануваа Титови пионери. Секој пионер добиваше сина капа (титовка), црвена марама и црвена пионерска книшка.

Првачињата на тој ден стануваа Титови пионери. Во училиштата полагаа заклетва со задолжителни приредби и читање состави на темата „Зошто го сакам другарот Тито“, а неретко децата во тие состави пишуваа дека го сакаат повеќе од мама и тато, без идеја зошто е тоа така. Секој пионер добиваше сина капа (титовка), црвена марама и црвена пионерска книшка.

Свечената пионерска заклетва беше:

„Денес, кога станувам пионер,

давам чесен пионерски збор

дека вредно ќе учам и работам

и ќе бидам верен и добар другар.

Дека ќе ја сакам нашата самоуправна татковина

Социјалистичка Федеративна Република Југославија,

дека ќе ги развивам братството и единството

и идеите за кои се бореше Тито.

Дека ќе ги почитувам сите луѓе на светот

што сакаат слобода и мир!“

По дефинитивниот распад на Југославија во 1992 година во некои од републиките продолжи прославувањето на 29 ноември. Последен пат е обележан во Србија во 2001 година. Сега, празникот го одбележуваат само здруженија граѓани кои ги негуваат спомените на Југославија по поранешни југословенски републики. За многумина се уште останува уверувањето дека во тој период на овие простори се живеело подобро отколку сега.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи