Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) го зголеми за 83 отсто бројот на претставки решени во корист на незадоволни осигуреници за првите девет месеци годинава во споредба со истиот период лани. До крајот на септември позитивно се решени 22 претставки на осигуреници кои се пожалиле од осигурителните друштва, а во истиот период лани во корист на осигуреници биле решени 12 претставки.
Бројот на претставки поднесени од осигуреници во првите девет месеци е удвоен во споредба со истиот период лани. Во овој период АСО, врз основа на претставки примени од незадоволни осигуреници, на три осигурителни друштва им изрече четири мерки од кои две се парични глоби
АСО, заклучно со крајот на септември годинава, доби 127 претставки од незадоволни осигуреници. Во споредба со истиот период лани, кога биле поднесени 62 претставки, годинава нивниот број е удвоен.
Во процес на решавање се 14 претставки, а негативно се решени 76 претставки. За 12 од поднесените претставки е утврдено дека се поднесени без основ, а три се повлечени од страна на подносителите.
Од аспект на видот на осигурување најмногу претставки односно 55 се поднесени за штети настанати кај осигурување од автомобилска одговорност (најзастапената класа на осигурување задолжителна со закон). Од нив 15 се решени во корист на незадоволни осигуреници. За оштетни побарувања покриени со осигурување од незгода биле поднесени 24 претставки, а позитивно се решени две. Од 10 претставки за осигурување имот позитивно е одлучено во два случаи. Пет претставки се поднесени за здравствено осигурување, а по една за осигурување посеви и плодови, патничко осигурување, каско осигурување и за осигурување финансиски загуби. Четири претставки се поднесени за останатите видови неживотни осигурувања. За осигурување живот се поднесени 13 претставки од кои две се решени позитивно.
Како причина за незадоволството на осигурениците во 50 случаи бил основот за исплата на штета. Во 34 случаи причина за поднесувањето на претставка била висината за надоместокот (АСО не одлучува за висината, но ги разгледува околностите и аргументите врз основа на кои е одреден надоместокот). На рокот за исплата на штета се жалеле седумина подносители на претставки, а ист број се жалеле за обработка на штета. Тројца се жалеле на регресното побарување, двајца на одговорот што го добиле од компанијата на нивниот приговор. Уште 12 претставки се поднесени по останати основи за поднесување.
Од вкупниот број на поднесени претставки 106 се поднесени од граѓани, а 22 поднеле правни лица.
Инаку претставка до АСО се поднесува ако осигуреникот не е задоволен од одговорот на осигурителната компанија за оштетното побарување или не добил одговор во рок од 30 дена. АСО не разледува анонимни претставки или случаи за кои се води судска или друга постапка.