Цената на кесите да се зголемува постепено, Законот да се измени во консултација со сите засегнати страни

Facebook
Twitter
Email
Print

Заштитата на животната средина и одржливо располагање со ресурсите е важен општествен приоритет, но за оваа цел да биде реализирана неопходен е системски пристап и инклузивност на процесот на носење на одлуки со вклучување на сите засегнати страни, како и предвидување на соодветен период на прилагодување кон новите законски решенија. Секој друг пристап нема да донесе  имплементација на одржливи решенија за заштита на животната средина, туку само ќе ја загрозат егзистенцијата и опстојувањето на голем број деловни субјекти, реагира Групација на производители и преработувачи на пластични маси при Сојузот на стопански комори на Македонија.

Во таа насока Групацијата истакнува барање за целосно одложување на примената на Законот за управување со пакување и отпад од пакување, бидејќи е донесен без консултација на приватниот сектор и погодува цела индустриска гранка.

„Со новиот Правилник за стандардите за биоразградливост кои треба да ги исполнуваат кесите за носење на стоки, начинот на пуштање на пазар на биоразградливи кеси од страна на трговците како и формата и содржината на образецот за водење на евиденција,  употребата на оксо-биоразградливи кеси останува до 01 Јуни 2023, а потоа треба да бидат заменети со биоразградливи. За тоа да се обезбеди потребни се дополнителни инвестиции, обука на вработените, а дадените роковите се премногу кратки. За споредба во Германија донесен е закон во 2015 година со кој на производителите им се остава рок од 7 години за адаптација и пренамена на своето деловно работење. Исто така во ниту една држава не е целосно забранета употребата на најтенките кеси под 15 микрони кои се користат за размер на овошје и зеленчук, како што е кај нас“, истакнува Ели Качева претседавач на Групацијата.

Но иако има одложување на забраната за користење на оксо-биоразградливи кеси, нивната цена од вчера изнесува 15 денари, што преставува дополнителен удар за производителите, трговците и граѓаните.

„Сметаме дека надоместокот кој ќе го плаќаат граѓаните за една кеса од 15 денари претставува дополнителен финансиски товар, во време на економска криза и пандемија. Производителите на пластични кеси се соочени со големи проблеми бидејќи голем дел од нарачките се откажуваат, со што значително се намалува обемот на работа. Примената на законското решение е проблематично и затоа што нема прецизен план и програма за што ќе се трошат средствата кои ќе се уплаќаат на сметката во Министерството за животна средина“, објаснува Качева и додава дека поради недореченостите во законот во моментов владее хаос.

За надминување на состојбите Групацијата истакнуваат неколку барања упатени до Министерството за животна средина.

„Прво бараме да се  укине надоместокот од 15 денари бидејќи не само што нема никаква пазарна логика, туку е и многу повисок споредено со другите држави. Компаративната анализа која ја направивме  покажува дека цената на кесите во Србија изнесува 7,5 денари, а во Грција 9 денари. Сметаме дека зголемувањето на цената треба да биде сукцесивно во етапи. Исто така неопходно е да се интервенира во казнените одредби бидејќи глобите за трговците доколку на пример не водат соодветна евиденција за продажбата на кеси се и до 180.000 евра. Од овие законски измени директно е засегнaто опстојувањето и егзистенцијата на 32 претпријатија кои бројат вкупно 600 вработени физички лица, невклучувајќи ги и надворешните соработници како добавувачи на репроматеријали, дистрибутери. Затоа е неопходно законот да се измени и да се изнајде заедничко решение, во консултација и работни групи со производителите и трговците“, истакнува Качева.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи