ВИДЕО – Уникатните минијатури на рурални куќи на прилепскиот уметник Емил Димоски, единствени од овој вид во Македонија


Макети на рурални куќи изработени до вистинска перфекција. Овие минијатури се дело на професорот по физика во Прилеп, Емил Димоски, кој со ова свое хоби се занимава од мали нозе. Прво започнал со изработка на разни елементи и куќички од кибритчиња кои се изработени до најситните детали во нив. Со изработка на ѕиданите стари куќи започнал во средношколските денови и на факултет.

Стари ќерамиди, чардаци, прозорци, дрва, килими, низи со пиперки, се само дел од декорот на овие врвни уметнички дела. Тие се толку изработени прецизно што помислуваш дека навистина некој живее во нив. Најголем дел од овие макети биле вистински куќи кои постоеле во Прилеп и околните места чија архитектура пак Димоски се обидел да ја пренесе на ваков начин.

„Ги правам од оригинални материјали, значи плитари ако има јас си правам плитарчиња мали од земја како што се, плитарот како што бил правен со слама и земја за повеќе да стегни. Зависи како се градени куќите, значи покривот ако им бил од камени плочи, јас со такви ситни плочи кои ги одделувам, оние што ги викаме момирок, ги одделувам и така ги ѕидам. Дали горе покривот има ѓерамиди, дали биле турски ѓерамидите, лачни или ребрасти, па се до современи, така ги правам и јас. Е сега и оџаците ги правам, оџаците нормално од забот на времето и од тоа што гореле се црни, па јас ги чадев и оџаците да изгледа како оџакот да има чадено, значи скрос елементите ги правев до танчина. Сега има и бунари, самите куќи како што имаат дипли ткаени, како што биле така да излгедаат како ткаени. Јамболиите претежно ги израбитувам, од долу е хартија бидејќи е мала и пак од конци од јамболија што сум имал сум одделувал и од горе самото да биде како јамболија да изгледа. Или пиперки низа нанижана е од растенија, па се сушат на конец, па после со црвенкаста боја да изгледаат како црвени сушени пиперки. Е сега и пропратните елементи ме интересирале секогаш, не само самата куќа и градбата, туку и пропратните елементи како троножни Емил Димоски, уметник.

Руралната средина отсекогаш била предмет на негов голем интерес. Овие минијатури ги гради и во разни предмети како што се лејка, црпка, грне и други.

„На пример рамнински ако се селата, во рамнина, имаат една градба на куќи која им е специфична на сите, сите претежно темелите се од камен, а потоа се од плитар. Додека оние ридски или планински што ги викаме, каде што има повеќе камен, целосно биле од камен. Тоа секогаш ме интересирало како се работени по спецификација куќите. Секогаш гледав да го доловам и чардакот, да биде баш она чардак, од забот на времето да биде изедено дрвото, сивкаста боја да добие, да не биде ново нешто, чардакот да не биде нов и боја да користам за да ги офарбам, туку одев низ планина и барав најчесто од смрека каде што има горено или некои дрвца од забота на времето што имаат таква боја добиено, сивкаста или црна“, кажа Димоски.

Во последниот период започнал и со изработка на слики, на коии става, песок, дрвја, трева и други елементи за да се долови букквално целата слика.

„Работам и слики, не само градби. Тие ми се поедноставни за градба и побрзо оди од самата градба се разбира која треба да ја изградам, бидејќи имам и во лејка, односно црпка, па таа повеќе треба да се обработи самата па потоа внатре елементи да се вградуваат. Или во грнето за грав да се вградат елементи, да се пресечи, многу подолг процес ми е, а сликите се помал процес, поедноставен. Е сега тие пак ги работам со земја, значи ја сеам земјата со сито за брашно, само најситното нешто, да нема камчиња значи само песокта. И небото дури го работам од памук, сето да биде како комплетна целина. Е сега и ноќните елементи, ниќни фотографии, гледам и небото да го сработам, ѕвездите, или па мижурка некоја сијалица од некаде и тоа да го доловам, со помош на боја се разбира, и мов, гранчиња ако има самата градба. Беше фасцинантно да го изработам вака на фотографија оревот во Зрзе, значи тој целиот како што е на слика, јас го лепев делче по делче, гранче по гранче ги сечкав од растенија корењата, ги сушам и потоа со ножиче ги сецкам и со помош на лепило ги нанесувам и така да се добие една цела крошна на орев, или на бреза ако е исто ја работам, само што малку нијанса на бела боја се додава за бреза ако треба да биде“, истакна Димоски.

Досега има создадено 40-тина дела дел од нив минијатури, дел слики. Во зависност од делото за една ваква куќа му се потребни и неколку месеци да ја изгради, а некогаш и повеќе од половина година. Најмногу време при изработката му одзема тоа што дел од куќите заедно со сите вградени елементи во нив се и комплетно функционални.

„Претежно гледам ако се со црвена земја, оние како плитар печени, да ги правам од таква земја. Е сега тие се со лак за со време да не се рони, во зависност од тоа земјата дали е ронливе. Ако е поголема куќата гледам внатре во самата градба да вградувам елементи во однос на синија за јадење, столици, кревети, ако се варосани внатре куќите прво треба да измалтарам, па да ја варосам. Прозорците на пример наместо стакло јас користам фолија пластична, баш да има и одсјај, така да како прозорец самото да е, како застаклено. Е сега и самите прозорци како што има и врати, дограмата баш како дограма да изгледа, тродимензионална, а во некои од куќите има и ментешина наместено и вренг, едноставни ментешина од хартија за да може да се отвора, да биде функционално. Секогаш гледав функционално да биде, колку нешто минијатурно, а функционално да го направам, како што функционирало, до танчина да го сработам“, додаде Димоски.

Вели овие куќи ги изработува чисто од хоби, а не за бизнис. Имал подарено неколку, а неколку и специјално направени по нарачка. Најдраг модел му е родната куќа на неговата мајка, која ја работел и најдолго време.

„Од прилика, зависи куќите дали се тродимензионални градени и до неколку месеци ги правам, затоа што како ги градам треба да се сушат, бидејќи со вода е малтерот мешан и треба да се исуши. Е сега во лето побрзо се суши и побрзо се гради, сега во зима поспоро се суши. Некогаш некои ги имам дувано и со фен за да се исушат, во зима во ладните месеци не се сушат и мора со фен и затоа толку време одзема. Редам неколку реда и потоа чекам за да се потсуши, бидејќи другите ако ги редам, ако само ѕидам ќе се истрани ѕидот, вертикала треба да постигнам. Значи треба да се исуши, па потоа други 2 реда и така паралелно можам и неколку да работам тогаш дури се сушат тие“, потенцира Димоски.

Досега имал неколку свои изложби во Македонија, а учествувал и на фестивали за фолклор во Турција. Негова идна желба е да има самостојна изложба во странство, како и изложба на слики од нашии верски објекти, а исто така тродимензионално да изгради и некој од нашите познати православнии манастири или цркви.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи