Именден празнуваат: Катерина, Ката, Катица…
Житието раскажува дека светата великомаченица Катерина потекнува од царско семејство од градот Александрија. Живеела кон крајот на третиот и почетокот на четвртиот век. Мајка ѝ била христијанка, но поради тоа што христијаните биле прогонувани, таа тоа свое верување не го кажувала јавно. На 18 годишна возраст Катерина била ретко убава, паметна и образована девојка со познавање на филозофијата, литературата, а особено ги совладала медицинските науки. Многу богати кнезови сакале да се оженат со неа, но на сите што ја убедувале да се омажи им одговарала дека ќе се омажи тогаш кога ќе ѝ најдат момче што ќе биде рамно на неа со богатство, убавина и образование. Но такво момче немало. Имало и богати и образовани, но убави и мудри како неа немало.
Во близината на градот живеел еден праведен човек кој Катерина ја упатил во тајните на христијанството. Тој ѝ зборувал за чудесното раѓање на Исус од Пресвета и пречиста Дева Марија, која поради својата светост и чистота станала мајка на Спасителот, а подоцна била однесена на небото каде што ангелите ја служеле и ѝ се поклонувале како на царица. Подоцна Катерина ја сонувала Божјата мајка со својот син и го прифатила христијанството со сета своја душа и разум.
Еднаш кога царот и останатите пагани принесувале жртви и се молеле на паганските идоли Катерина му се обратила со зборовите. „Царе, нели ти е срам што се молиш пред гнасните идоли. Зошто не го запознаете вистинскиот Бог, кој слегол на земјата и зел човечка форма поради нашето спасение. Тој не сака жртви, туку само да живееме според неговите заповеди“. За ова Катерина требало да биде жестоко казнета, но поради нејзината убавина царот посакал да ја придобие за жена, ветувајќи ѝ раскошен живот и богатство, но и да ја оттргне од христијанството. Но, Катерина сето тоа го одбила со гнасење. Кога царот помислил дека е недостојно за еден цар да се расправа со една жена, повикал педесетина мудреци кои требало да ја разубедат убавата девојка. Но, мудрата Катерина сите нив и многу народ убедила во вистинската Христова вера и ги придобила за христијанството. Поради тоа била осудена на смрт и пратена на губилиште. Главата ѝ била отсечена со меч на 18-годишна возраст на 7 XII/24 XI 305 (според други 310) година. Преданието раскажува дека подоцна ангелите ѝ го однесле телото на Синајската планина.
Во Гевгелиско Св. Катерина не се празнувала на 24 туку следниот ден на 25 ноември (с.с.) и се сметала за другарка на св. Варвара.