Сите слободни капацитети во Крушево се резервирани за Новогодишните празници. Се бара буквално кревет повеќе. Засега единствено уште малку слободни места може да се најдат за Божик, но прашање е не на денови туку на чсови кога истите ќе се потполнат. Крушево очекува над 2.000 гости за празниците. Крушевчани се задоволни бидејќи велат дека туризмот е главната еконосмска гранка.
„Резервациите во градов се исполнети до последно место, се очекуваат новогодишните празници, новогодишна еуфорија, да се забавуваме, да се дружиме, нека повелат сите кои не биле во Крушево има што да видат. Да уживаат ова е природба воздушна бања, чист воздух, убавина, мирно место“, рече еден крушевчанец.
„Очекувам да има многу посетители како и секоја година. Крушево има предност што е се тука и скијачките терени, градот, услугите, пошта, болница и друго. Секоја година е полно и хотелите и приватното сместување. Само оваа година еве се е преполно нема место ниту пред, ниту по Нова Година. Многу семејства живеат сега од овој бизнис, изградија многу убави апартмани, соби, така што сите имаат корист и трговијата и тие кои издават соби и угостителите, сите имаат“, додаде друг крушевчанец.
Угостителите вепат дека предноста на Крушево како зимски центар е тоа што е урбана срединина за разлика од другите вакви места.
„Во споредба со другите ски центри во Македонија нуди повеќе можности за уживање во зима. Затоа што е град, има инфраструктура. Оваа сезона можеме да се пофалиме со зголемена активност и во самиот ски центар, направени се доста голем број на инвестиции. Имаме и проширување на туристичките капацитети“, истакна Мишко Христоски, угостител.
Од платформата за развој на туризмот „Feel Krusevo“ велат дека според најновото нивно истражување, спортскиот туризам е иднината на овој град каде треба најмногу да се вложува.
„Во спортот се вложува доста, исто така и во туризмот, но кога ќе се спојат спортот и туризмот, спортскиот туризам дефинитивно има иднина во Крушево. Секако тука се адреналинските спортски активности, атлетската градска трка која ја имавме, потоа велосипедските патеки и вело трките кои се прават“, истакна Лефкија Гажоска, платформата за развој на туризмот „Feel Krusevo“.
Инаку Крушево доби европски грант 700.000 евра за развој на активниот туризам, во рамки на прекуграничната соработка со алабснкиот град Елбасан.
„Проектот опфаќа изградба на паркинг до самото полетувалиште, поставување на 2 мерни станици, поставување на ЛЕД осветлување околу објектите на културата и оспособување на патека за Down Hill, односно планински велосипедизам. Ова е важно затоа што според нашето испитување на мислењето на граѓаните за буџетот за 2022 година на Општина Крушево, граѓаните сметаат дека туризмот треба да биде насоката каде Општината треба најмногу да вложува“, изјави Сотир Габелоски, портпарол на Општина Крушево.
Овој проект треба да се реализира до средината на 2024 година.