Жителите на прилепската населба „Чачорица“ се жалат дека точно 24 часа немаат електрична енергија. Се јавувале во ЕВН од каде им рекле дека е голем дефект и требало да имаат трпение и дека во текот на денот ќе добиле струја, но за жал до овој момент нема ништо.
„Ова е срамота, немаме струја 24 часа, точно од вчера ова време, утринава од 9 до 14 часот доаѓаше струја со постојани прекини, од страв да не ми прегори некој електричен уред сите ги исклучив. Сега имам струја само во еден штекер во куќата. Од ЕВН ни велат да се стрпиме, па не е ова еден час или два да се стрпиме туку цели 24 часа. Сите прехранбени продукти од фрижидерот и сандакот за длабоко замрзнување ги извадив надвор, бидејќи е ладно за да не се расипат. Утре ќе се обратиме и до Народниот правобранител и повторно до ЕВН и ќе бараме надомест за штета, затоа што не ја добиваме потребната услуга. Кога може ЕВН за еден ден неплатена сметка да исклучува струја, така сега и ние можеме да тужиме и да си ги бараме нашите права“, вели една револтирана жителка на оваа населба за Инфо Компас, која сакаше да остане анонимна.