Поранешната француска министерка за европски прашања Натали Лоазо во изјава за БНР што ја пренесува Дојче веле, посочува дека е очигледно оти треба да има дијалог, како и решение и смета дека Македонија треба да ги почне преговорите со ЕУ.
„Никој не вели дека утре, во 2022 година, Македонија ќе влезе во ЕУ. Велиме дека треба да почнат преговори, за време на кои сѐ ќе биде ставено на маса. И тие нема да напреднат, ако сите теми поврзани со човековите права и основните вредности не се придвижат напред. Но, на овие луѓе треба да им се даде сигнал, бидејќи ним им се додворуваат Кина, Русија и Турција. Што сакаме – да ни свртат конечно грб? Тоа не е во ничиј интерес“, изјави Лоазо.
На прашаето дали постои француска иницијатива за надминување на спорот меѓу Бугарија и Македонија, Лоазо не одговора директно.
„Се надевам дека овој спор ќе биде решен, бидејќи би сакала преговорите со Македонија да започнат брзо. Таа вложи огромни напори за да се приближи до европските очекувања. Истото се надевам и за Албанија. Знаеме дека претстои долг пат, ќе бараме резултати, бидејќи има нова методологија за проширувањето. Но не може да се откажеме од оние земји кои вложиле напори, и да им кажеме: ‘Видете, има уште еден проблем. Имавте со Грција, а сега и со Бугарија’. Тоа ќе создаде непријателство кон Европската унија во срцето на Европа, бидејќи географски, културно и историски Балканот е токму таму“, вели Лоазо.