За прв пат во историјата вселенско летало направено од човекот успеа да го “допре“ Сонцето, известија од американската вселенска агенција НАСА. Имено, Соларната сонда Parker стана првото летало кое влезе во соларната атмосфера.
„Сондата пролета низ Сончевата корона, горниот слој на атмосферата на Сонцето, собирајќи таму честички и податоци за магнетските полиња“, соопшти НАСА, нарекувајќи го овој момент „џиновски скок за соларната наука“.
НАСА соопшти дека леталото нашло вистински услови за влегување во соларната атмосфера на околу 1.3 милиони километри над сончевата површина во текот на осмиот прелет на Сонцето, а минувањето траело неколку часа, издржувајќи температури од 1.377 Целзиусови степени.
Леталото со големина на автомобил треба да направи 21 патување низ короната, најоддалечениот слој од Сонцето, во период од 7 години, а следниот прелет се очекува да биде на 22 јануари.