Младите се застапуваат за подобрување на мерките за вработување


Невработеноста и не подготвеноста да се излезе на пазарот на труд претставува најголем проблем со кој се соочуваат младите лица по завршување на нивното формално образование. Како уставно загарантирано право, правото на работа претставува можност за социјално и економско градење на младите лица како личности пред се, спремни да придонесуваат за подобрување на средината во која живеат. Не можноста на остварување на ова право доведува до, пред сé, психички проблеми, апатија, незаинтересираност, инертност кај младите лица, а потоа придонесува и до појава на одредени девијантни однесувања кои се штетни за себе и за околината во која живеат.

Локалните и националните власти со поддршка на граѓанскиот сектор треба да промовираат можности и обезбедуваат поддршка за младите луѓе. Институциите треба да ги создадат овие можности со цел младите луѓе да се вклучат подготвени на пазарот на труд преку создавање на мерки за вработливост исклучиво наменети за млади лица кои би биле лесно пристапни за сите заинтересирани.

Младите како динамична социјална група, имаат потреба од зголемена поддршка од страна на институциите и право на консултација во однос на прашања кои се во нивни интерес. Младите лица, преку досега воспоставениот систем на мерки за вработливост, се само крајни корисници, без право да учествуваат во создавање на истите.

Мерките за вработливост наменети за млади лица треба да претставуваат почетно средство и начин за задржување на младото население во нашата држава, да се спречи масовна емиграција на работоспособно население, како високо квалификуваното така и ниско квалификуваното. Како индиректно влијание на подобрување на вработливоста кај младите е и зајакнувањето на животниот стандард на населението, што значи отворање на нови можности.

Согласно уставно загарантираната обврска со која државата се обврзува да се грижи за социјалната сигурност на граѓаните и да обезбедува социјална праведност, и тоа како е потребно донесување на мерки за вработливост за млади лица.

Водени од тој проблем, група локални млади учесници во проектот „Зајакнување на младите преку нови можности во Прилеп“ спроведуван од страна на Коалиција на младински организации СЕГА  а со финансиска поддршка на СОС Детско Село, изготвија Позициски документ каде се вметнати препораките дадени од младите лица при реализација на локални активности на кои присуствуваа исклучиво засегнати млади лица вклучувајќи дискусии, медиумска кампања, петиција „Создаваме нови можности“ која беше потпишана од околу 350 лица, отворени денови за млади организирани во централното подрачје на Прилеп и преку директни интервјуа со невработени млади лица.

Поддржани со проектот, младите изработија акциски план од кој произлезе и овој документ со препораки со цел подобрување на состојбата со невработеноста на младите во нашиот регион.

ПРЕПОРАКИ

Во согласност  со позицијата утврдена со овој документ, младите лица учесници во проектот „Зајакнување на младите преку нови можности“ ги дефинираа следните препораки до креаторите на економските и младинските политики на локално ниво.

  • Општина Прилеп да обезбеди буџет за поддршка на практиканство за најмалку 100 млади практиканти од Прилеп за 2022 година.
  • Општината да обезбеди услови за воведување и организирање на нови образовни профили во средните училишта кои се побаруваат од локалните претпријатија во согласност со трендовите на пазарот на труд.
  • Формирање на Локален Младински Совет, кој би бил посредник во иднина помеѓу младите и нивните барања и институциите на локално ниво.
  • Донесување на стратегија за млади, со посебен акцент на младинската невработеност како клучен приоритет.
  • Постоечките добри практики за поддршка на млади луѓе кои постојат во претпријатијата во нашата Општина, да се поддржат и да се применат во другите претпријатија.
  • Поддршка на граѓанскиот сектор преку финансирање на проекти за поддршка на младите невработени лица преку организирање на неформално образование или помош при преквалификација. Оваа поддршка да вклучи систем за контрола од страна на Локалната самоуправа.
  • Организирање на кампањи за зголемување на свеста на младите за можностите кои ги нуди практикантството, за негово остварување за време на образовниот процес, со цел кадарот кој се пласира на пазарот на труд да биде подготвен за професиите кои се бараат на локално ниво.
  • Подобрување на системот на практична работа во средното образование. Во соработка со бизнис секторот, да се вклучат младите во практична работа во самите претпријатија. Успехот на оваа мерка да се гледа преку систем на евалуација за постигнатото знаење за време на практичната работа.

Автори: Локални волонтери на Коалиција СЕГА и Тимот на Коалиција СЕГА

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи