Фејсбук објави дека 7 компании ја искористиле нејзината платформа за да шпионираат 50.000 луѓе во 100 земји. Една од овие компании е лоцирана во Македонија, а останатите во Кина, Израел и Индија. Станува збор за македонската компанија Сајтрокс (Cytrox) развивач на малициозен софтвер за iPhone и Android. Името на оваа фирма, како што се наведува, било објавено во Форбс во 2019 година, кога се појавил „сојузот“ за надзор основан од Кипар и Израел, наречен Интелекса (Intellexa) што го купик Сајтрокс за 5 милиони долари.
Според Фејсбук, речиси 50.000 корисници биле мета на обиди за хакерство од компании за надзор кои работат за владини агенции или приватни клиенти.
Ваквите сознанија се резултат на повеќемесечна истрага на Мета, мајката на Фејсбук, за таканаречени „сајбер-платеници“ кои се занимаваат со „надзор за изнајмување“. Конкретно за Сајтрокс (Cytrox), во извештајот на Мета се наведува дека биле отстранети 300 Фејсбук и Инстаграм профили на компанијата кои биле користени за да се вклучуваат и измамуваат цели, а се наведуваат и 10 држави во кои Сајтрокс имала муштерии, меѓу нив Египет, Ерменија, Грција, Саудиска Арабија, Оман, Колумбија, Брегот Слонова Коска, Виетнам, Филипините и Германија.