„Законот за младинско учество и младински политики[1]“ е донесен на 14 јануари 2020 година. Целта на законот е да обезбеди системско креирање и спроведување на политики за млади на сите нивоа преку повеќе секторски пристап. Поаѓајќи од потребите и интересите на младите, законот цели кон зајакнување на учеството на младите во процесите на креирање на политики за млади, активно информирање, промоција и заштита на интересите на младите, како и зајакнување на свеста за важноста на младите и нивната општествена улога. Со законот се уредуваат формите на младинско организирање, учество на младите во процесот на креирање на младински политики и донесување одлуки кои се однесуваат на нив.
Со ЗМУМП за првпат во македонското законодавство се дефинираат одредени поими и дефиниции[2] меѓу кои и возрасната граница на поимот млади (лица на возраст од 15 до 29 години) како и дефинирањето на поимите „младинска работа“ и што претставуваат „младински работници“. Суштествено значење во идниот развој на учеството на младите и младинските политики е дефинирањето на овие два поими преку овој закон, според кој: „младинско учество“ претставува процес кој им овозможува на младите учество и заедничко носење на одлуки за политики и програми кои директно или индиректно го обликуваат животот на младите; а „младинска политика“ е збир на мерки и активности кои се преземаат за да се задоволат потребите на младите, со цел остварување на нивниот полн потенцијал.
Суштествените форми кои се од понатамошна важност за успешна примена на учеството на младите во донесувањето на одлуки и креирањето на политики се „националното советодавно тело за младински политики“ и „локалните младински совети[3]“.
Воспоставувањето на Националното советодавно тело за младински политики има за цел да обезбеди структурна соработка помеѓу младински претставници од граѓанските организации и претставници на органите на државната управа. Ова тело преку соработката сака да обезбеди постојан механизам за застапување и лобирање за младинските организации, пред државните институции кои го сочинуваат и членуваат во истото. И покрај тоа што телото има советодавна и надзорна улога при спроведувањето на младинските политики и активностите за млади тоа може силно да влијае на донесувачите на одлуки овозможувајќи да се слушне гласот на младите при креирањето на националните политики кои се однесуваат на младите.
Локалните младински совети кои се предвидени со овој закон имаат малку поинаква структура отколку националното советодавно тело. Во суштина овие младински совети имаат и повеќе искуство во примената, бидејќи пред да се озакони нивната задолжителна примена од страна на ЕЛС во изминатиот 10 годишен период беа пилотирани различни форми од истата структура на тело, па научените лекции од нивното (не)функционирање е вградена во овој закон. Во секој случај, со нивното воведување во оваа законска рамка за прв пат во сите општини се обезбеди место на локалните млади да учествуваат во работата на општинските совети претставувајќи ги локалните потреби на младите. Оваа форма на учество е во поддршка на воспоставени трајни механизми за застапување и лобирање во општините и можност да се слушне гласот на локалните млади.
[1] Види повеќе за „Законот за младинско учество и младински политики “(Сл. весник на РСМ Бр. 08-327/1), на: https://www.pravdiko.mk/wp-content/uploads/2020/03/Zakon-za-mladinsko-uchestvo-i-mladinski-politiki-16-01-2020.pdf
[2] Ibid. Член 3
[3] Ibid. Од чл.14 до чл.18