Уредување на младинското учество во регионот


На потребата од младинско учество во процесите на креирање и донесување одлуки се повеќе се дава на значење и тоа укажува на сериозна волја на државите да ги препознаат младите лица, како значајна алка од општествениот живот. Во нашиот регион скоро и да нема држава која му дала посебно место на учеството на младите.

Словенија е првата земја во регионот што регулирањето на статусот на младите луѓе го подигна на ниво од јавен интерес преку носењето на „Законот за јавен интерес во младинскиот сектор[1], во 2010 година, според кој за млади лица се сметаат лицата на возраст од 15 до 29 години. Овој закон има за цел промовирање и олеснување на интеграцијата на младите во економскиот, културниот и политичкиот живот на заедницата, како и создавање на соодветни механизми за поддршка и развој на младинската работа и работењето на младинските организации. Исто така, тој е првиот закон кој систематски го регулира младинскиот сектор и служи како основа за усвојување на Националната програма за млади.

Во Србија постои „Закон за млади“[2], донесен во 2011 година, кој ги дефинира младите лица, како лица на возраст од 15 до 30 години. Овој закон ја одредува рамката и условите за поддршка на младите во организирање, социјални активности и личен раст и развој. Со овој закон е предвидено формирање на Национален Младински совет, како и на младински совети на локално ниво, каде што младите се застапени заедно со други важни актери од оваа област. Покрај ова, овој закон ја уредува и улогата и значењето на младинските активности, како и јавниот интерес во доменот на младинскиот сектор на национално и локално ниво.          

Во Босна и Херцеговина постојат две дефиниции за млади, кои во суштина се слични. Истите се уредени во две законски решенија со кои се регулираат правата на младите, па така постои „Закон за млади на Федерацијата Босна и Херцеговина[3], кој впрочем младите лица ги дефинира како лица на возраст од 15 до 30 години и вториот е „Законот за младинско организирање на Република Српска“[4], според кој за млади лица се сметаат лицата од 16 до 30 години. Со овие закони се уредуваат прашања од интерес за животот, положбата и делувањето на младите лица на територијата на БиХ.

Во Косово, во 2009 година е донесен „Закон за зајакнување и учество на младите“[5], според кој за млади лица, се дефинираат лицата на возраст од 15 до 24 години, што е нешто поинаква рамка во однос на другите земји. Законот има за цел да го зајакне учеството на младите во процесите на донесување одлуки со цел да се подобри квалитетот на нивниот живот, како и социјалниот статус. Целта на законот е преку утврдување на одговорностите на централните и локалните институции како и младински организации, да се обезбеди широко учество на младите во јавниот живот.

За разлика од земјите од регионот, младинското учество во Македонија е регулирано неколку години подоцна, односно со усвојувањето на „Законот за младинско учество и младински политики[6]“ на 14 јануари 2020 година. Целта на законот е да обезбеди системско креирање и спроведување на политики за млади на сите нивоа преку повеќе секторски пристап, поаѓајќи од потребите и интересите на младите. Преку уредените поглавја и членови, законот цели кон зајакнување на учеството на младите во процесите на креирање на политики за млади, активно информирање, промоција и заштита на интересите на младите, како и зајакнување на свеста за важноста на младите и нивната општествена улога. Со законот се уредуваат формите на младинско организирање, учество на младите во процесот на креирање на младински политики и донесување одлуки кои се однесуваат на нив. Понатаму, со истиот се дефинираат стратешките документи на национално и локално ниво, како и активностите и мерките кои треба да ги преземаат органите на државната управа и единиците на локалната самоуправа за унапредување на положбата на младите во општеството.

[1] Види повеќе за  „ Zakon o javnem interesu v mladinskem sektorju – ZJIMS“ (Uradni list RS, št. 42/10 z dne 28. 5. 2010), на: http://www.pisrs.si/Pis.web/pregledPredpisa?id=ZAKO5834

[2] Види повеќе за „Закон о младима “- (објављен у “Службеном гласнику РС”, бр. 50/2011 од 8.7.2011. године), на: https://www.mos.gov.rs/wp-content/uploads/2014/04/Zakon_o_mladima.pdf

[3] Види повеќе за „Закон о младима Федерације Босне и Херцеговине “на: https://www.vijecemladih.ba/wp-content/uploads/2016/12/Zakon-o-mladima.pdf

[4] Види повеќе за „Закон о омладинском организовању“ на:  http://www.pm.rs.ba/wp-content/uploads/2016/01/Zakon-o-omladinskom-organizovanju-RS.pdf

[5] Види повеќе на: https://www.youthpolicy.org/national/Kosovo_2009_Youth_Law.pdf

[6]  Види повеќе  за „Законот за младинско учество и младински политики “(Сл. весник на РСМ Бр. 08-327/1), на: https://www.pravdiko.mk/wp-content/uploads/2020/03/Zakon-za-mladinsko-uchestvo-i-mladinski-politiki-16-01-2020.pdf

Автор: Зоран Илиески, СЕГА

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи