16 година по ред Прилеп го слави својот патрон празник, градската слава Свети Никола. После 1 година пауза поради пандемијата славата повторно се одбележа со поголема масовност во црквите и во центарот на градот каде пред Параклисот на овој светител се изврши водосвет и прережување на славскиот колач. Домаќин беше истиот од лани, бизнисменот Тони Тарунџиоски.
„Благодарение на Бога и патронот на Прилеп денеска сум домаќин на големиот празник за градот Свети Никола и се надевам дека оваа година ќе биде за сите подобра и на сите ви посакувам се најдобро“, рече Тони Тарунџиоски, годинашен домаќин на славата.
За в година домаќини ќе бидат градежната компанија „Тера Кота“ кои посакаа славата да се одбележи без никакви ограничувања, мерки и протоколи.
„И со верба во Бога да се надеваме дека ова зло нема да го имаме до в година и дека ова чествување на нашиот патрон ќе го направиме уште подостоинствено“, кажа Гордан Бошкоски, иден домаќин за славата.
Над 60% од прилепчани денес имаат куќна слава, така што слободно може да се каже дека секој жител на овој град денес слави.
„На денешен ден секој прилепчанец го празнува својот празник или чекајќи слава во својот дом или пак одејќи на гости“, додаде Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
Граѓаните велат дека ова е голем празник за нив и можност да се видат со своите најблиски и пријателите.
„Убаво за народот на едно место сплотени и расположени“, рече една прилепчанка.
Митрополитот Петар упати порака повеќе сакаме едни со други и да се угледаме на делата кои ги правеле светителите како Свети Никола.
„Ниту Бога го љубиме доволно, ниту ближниот доволно го љубиме, ајде од овој ден да започнеме една преобразба во духот. Чистотата на духот да ја запазиме, сиромаси, вдовици, сираци, болни да помагаме“, истакна Владика Петар, Митрополит Преспанско – Пелагониски.
Во центарот на градот за присутните граѓани имаше приготвено и посна славска трпеза.