Човековото тело е составено од околу 70% вода. 2/3 од земјината површина се наоѓаат под вода. Водата е еден од основните услови за живот на сите живи суштества на планетата Земја. Во услови кога во државата има здравствена криза како резултат на светска пандемија на вирусот КОВИД-19 и зголемен број на заразени лица на државно ниво, алармантна е состојбата во сте општини во Северна Македонија, а посебно во ромските заедници како најмаргинализирана етничка заедница во државата и Европа.
Генералното собрание на Обединетите Нации експлицитно го признава човековото право за пристап до вода и утврдува дека чистата вода за пиење и санитарни услови се од суштинско значење за остварување на сите останати човекови права. Исто така и Комитетот за економски, социјални и културни права, донесе Генерален коментар за правото на вода во ноември 2002 година, со што се дефинира правото на вода како право на секое лице за пристап до доволна, безбедна, прифатлива и физички достапна вода за лична и домашна употреба. Во судската пракса на Европскиот суд за човекови права е нотирано дека непристојните услови за живот кои се последица на недостиг до пристап на здрава вода за пиење и одржување на личната хигиена, можат да доведат до нивото на страдање што го предвидува член 3 од Европската конвенција за човековите права и го повредува правото на семеен и приватен живот, член 8 од конвенцијата. Следствено на сето ова, и во нашата држава водата е издигната на степен на добро од општ интерес, кое е предвидено во Уставот.
Според правната регулатива, особено треба да се напомене дека во текот на 2018 и 2019 година забележано е дека поведени се судски постапки за дискриминација во пристапот до вода на Ромите од неформалните населби “Тризла” – Прилеп, “Петочна Вода” – Битола и “Под Кале” – Скопје, пред судовите во Прилеп, Битола и Скопје. Практиките на дискриминацијата во пристапот до вода треба да послужат како преседан во судската пракса, а дополнително потребата од промена на правната рамка со цел унапредување на пристапот до вода за сите граѓани е од суштинско значење.
Имено, во нашата држава постојат неколку неформални населби и локации кои се надвор од урбанистичките планови, а се населени со мнозинско ромско население. Примери за такви населби и локации се: “Три багрема” и “Дебарца” во Прилеп, “Под Кале” во центарот на Скопје, “Петочна Вода” и делови на Баир во Битола, “Стара касарна” во Кочани, ул. 29 Ноември во Тетово итн.
Неодамна, Апелациониот суд Битола донесе пресуда со која ја преиначи пресудата на Основен суд Прилеп и утврди дека Општина Прилеп и ЈКП „Водовод и канализација“ – Прилеп извршиле дискриминација спрема тужителите, припадници на ромската заедница со тоа што им оневозможиле пристап до чиста и здрава вода за пиење. Од друга страна, за друга судска постапка Основниот суд во Битола донесе Решение за привремено запирање на судската постапка во однос на правото на вода на Ромите од “Петочна Вода”. Ваквата моментална состојба значи дека за Ромите од оваа неформална населба правда нема да има во брзо време и истите заедно со уште неколку стотици Роми во државата се оставени без пристап до вода во услови на пандемија.
Согласно препораките, во услови на пандемија на вирусот се препорачува домашна изолација и редовно миење на рацете со вода и сапун. Ромите кои живеат во неформални населби се оневозможени да ги почитуваат ваквите препораки токму поради фактот дека истите немаат пристап до вода, кое е универзално загарантирано право, а отежнетиот пристап до вода, доведува до отежнување на пристапот до низа други права и остварување на фундаменталните човекови потреби. Па, оттука согласно Законот за води врз основа на одредбата од чл.5, т.12 – начелото на универзалност на водостопанските услуги, односно универзалноста на водостопанските услуги се обезбедува преку недискриминација; одржливост на услугата, квалитет и ефикасност; транспарентност; економски прифатлива цена и целосно покривање на областа на извршување на услугата.
Ваквиот начин на живеење, повлекува извор на заразни болести и епидемии од типот на жолтица и хепатитис со што главен таргет на ваквите болест за жал се најмладите членови-децата на семејствата, што дополнително ја отежнува можноста истите да посетуваат редовна настава во основно училиште. Меѓу другото и актуелната здравствена криза е фактор за влошување на состојбата, бидејќи согласно препораките на здравствените установи и здравствените работници, во услови на пандемија на вирусот се препорачува домашна изолација и редовно миење на рацете со вода и сапун.
Па, оттука семејствата кои живеат во ова неформална населба се оневозможени да ги почитуваат ваквите препораки токму поради фактот дека истите немаат пристап до вода кое е универзално загарантирано право, а отежнетиот пристап до вода, доведува до отежнување на пристапот до низа други права. Жителите од оваа населба се жалат дека со денови немаат вода, ни за пиење, а камо ли за лична хигиена. Во временски период на минус температури, со денови не протекува вода во маалските чешми кои се наоѓаат во самата населба во непосредна близина на нивните живеалишта.
На локално ниво, општинските институции ги препознаваат неформалните населби и локации, но често изговор за необезбедување на пристап до комунални услуги е тоа што се надвор од урбанистичките планови. Иако во месец ноември 2017 година[1], имаше заложба од страна на Градоначалникот на Општина Прилеп во соработка со Кабинетот за имплементација на Националната стратегија за подобрување на состојбата со Ромите (2014-2020) за приклучок до вода и други инфраструктурни зафати за овозможување елементарни услови во населба „Три Багреми“, сепак и после неколку години не се реализираа овие заложби и овој децениски проблем останува само како декларативна заложба.
Оттука, напоменуваме дека неминовна е потребата овој проблем со заеднички пристап и волја, да се пристапи кон негово решавање од страна на ЈКП „Водовод и Канализација“ – Прилеп како примарно надлежна институција за снабдување со вода во градот и Општина Прилеп како надлежен орган, а истиот како приоритет да се најде на дневен ред на Советот на општината со оглед на ургентноста на потребата.
[1]https://www.prilep.gov.mk/struja-voda-i-pristapen-pat-do-tri-bagremi-za-dva-mesetsa/
Автор: СТАНИЦА П.Е.Т. ПРИЛЕП.