Ц-реактивниот протеин (CRP) е супстанција создадена од црниот дроб или адипоцитите при ситуации на присутни воспалителни процеси во телото.
Зголеменото ниво на Ц-реактивниот протеин (утврдено преку соодветен крвен тест) се смета за неспецифичен ,,маркер”за некакво заболување. Тоа значи дека CRP покажува дека постои некое воспаление во организмот, но не може да ја одреди неговата точна локализација. Покрај CRP, во крвта постојат и други воспалителни маркери, како што се: фибриноген, амилоид А и интерлеукин 6.
Всушност, ваквото зголемено ниво може да укажува на типични инфламаторни заболувања, како ревматоиден артритис, лупус, васкулитис и други. Но, пред сé, овој протеин е маркер за кардиоваскуларното здравје.
Податоците од голем број на студии укажуваа дека на долг рок и ниските нивоа на хронично воспаление во организмот можат да водат до сериозни хронични заболувања, поврзани најчесто со возраста: кардиоваскуларни заболувања, некои типови на канцер, невродегенеративни болести (Алцхајмер, Паркинсонова болест итн).
Кои се симптомите на покачено ниво на Ц-реактивниот протеин?
За жал, зголеменото ниво на CRP во организмот нема јасни, видливи симптоми кои би можеле лесно да ги забележиме.
Кои се причините кои доведуваат до зголемено ниво на CRP?
Покаченото ниво на овој протеин може да биде знак за некои сериозни заболувања, вклучително кардиоваскуларни, малигни, инфекции и автоимуни заболувања како ревматоиден артритис, лупус, воспалени црева итн.
Хроничното воспаление кое стои зад CRP може да биде и генетски предизвикано, но најчестата причина е лошиот начин на живот – зголемен стрес, нездрава исхрана, физичка неактивност, пушење (константна изложеност на токсини) итн.
Исхраната можеби е најбитниот помеѓу овие фактори, односно ја игра најзначајната улога. Особено опасни се рафинираните продукти и сé она што се подразбира под високо-процесирана храна.
Како се дијагностицира покачениот Ц-реактивен протеин?
Како што претходно споменавме, нивото на CRP се определува преку соодветен тест на крвта. Постојат два типа на тестови за нивото на CRP.
Со првиот тип може да утврдиме неспецифично зголемување на протеинот кое е резултат генерално на воспалителните процеси во телото, но не можеме да ја утврдиме точната локација на воспалението.
Вториот тип на тест односно high sensitivity (високо-специфичен) или hs-CRP тест е всушност мерка за воспалението во крвните садови. Ова е тестот кој ни е потребен за утврдување на ризик од некакво кардиоваскуларено заболување. За определување на овој ризик постои точно утврден интервал на нивоа на CRP. Имено, ако тестот покаже дека нивото на CRP е помало од 1.0mg на литар крв, тогаш ризикот од срцеви заболувања е особено мал; доколку тестот покаже дека нивото на CRP е помеѓу 1.0 и 3.0 mg, тогаш ризикот е просечен, а ако вредностите за CRP се над 3.0mg на литар крв, тогаш ризикот од срцеви заболувања се смета за многу висок.
Некои експерти советуваат рутинско hs-CRP тестирање, секогаш кога се проверуваат и нивоата на триглицеридите и холестеролот.
Кај луѓето со дијагностицирани воспалителни заболување (некои од погоре набројаните), не може да се користи hs-CRP тестот за утврдување на ризикот од кардиоваскуварни заболувања, бидејќи кај нив, секако се повишени нивота на CRP (често над 100mg на литар крв). Но, секако тие својот ризик можат да го ,,пресметаат” преку стандардните тестови за утврдување на триглицериди(масти) и вкупен холестерол во крвта.
Постојат медикаменти за намалување на Ц-реактивниот протеин, но најважно е да се третираат причините, а не последиците
Најчесто докторите, за намалување на CRP ги препишуваат истите лекови кои служат и за намалување на нивото LDL холестеролот, статините.
Но, најважни се дополнително советите кои ќе ги добиете, а тоа е промена во животниот стил.
Хроничните воспалителни процеси кои всушност и го предизвикале зголемувањето во нивото на Ц-реактивниот протеин, можеме да ги намалиме преку водење на здрав начин на живот, но што се подразбира под ова?
- Здрава исхрана
- Редовна физичка активност
- Непушење и исфрлање или минимизирање на консумацијата на алокохол
- Јадење на храна здрава за срцето, односно кардиоваскуларното здравје:
храна без заситени маснотии (животинска храна)
храна со здрави маснотии и омега 3 масни киселини (јатки и растителна храна)
храна богата со антиоксиданти (свежа храна, овошје, зеленчук, зачини).
Извор: Доктор Митов