Пред претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, денеска во Домот на Армијата во Скопје беше презентирана состојбата со борбената подготвеност на Армијата на Република Македонија во тековната година, кое е редовна обврска на началникот на Генералштабот кон врховниот командант.
На брифингот, од страна на началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и директорот на Генералштабот, генерал-мајор, Зоран Милески, пред претседателот Пендаровски, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, генералите во Армијата и претставници од кабинетите на претседателот и Министерството за одбрана, беше претставена состојбата и реализацијата на планираните активности во функционалните области, кои се дел од борбената готовност.
„Пред воениот врв се презентираа реализираните задачи и достигнувања на Армијата во 2021 година, како и клучните задачи за следната 2022 година, при што се опфатија областите: персонален менаџмент и морал, операции во земјата и странство, обука и вежби, логистичка поддршка, воено планирање и структура на сили, врски и комуникации, буџетирање и цивилно-воена соработка. Генералот Ѓурчиновски во своето излагање ја истакна подготвеноста на командите и единиците на Армијата за реализација на сите активности од планираната динамика во процесот на достигнување на целите на способност на НАТО“, соопштија од Генералштабот на Армијата.
Во освртот на годината што измина министерката Радмила Шекеринска потенцирала дека во 2021 година беше одбележана првата годишнина од членството во НАТО и дека Македонија успешно го положи тестот од првата годишнина како членка на Алијансата.
Во заклучното излагање, претседателот и врховен командант Стево Пендаровски пред учесниците на брифингот го изразил своето задоволство од професионалноста, посветеноста и покажаната пожртвуваност на припадниците на Армијата во справувањето со пандемијата и пожарите низ земјата.
Шефот на државата пред присутните ја истакнал потпишаната заедничка декларација со НАТО минатиот месец, а со која и формално се заокружи процесот на нашето интегрирање во Алијансата и притоа оценил дека членството во НАТО ни помага подобро да се носиме и со старите, но и со новите безбедносни закани.