Пандемијата, економската криза или микс од сето тоа споено придонесе оваа година предновогодишната еуфорија во Прилеп да биде далеку од тоа како што била во минатото, а некаде скоро и да не се чувствува. Сепак раздвиженост во градот има, за празниците вратени се и голем број прилепчани кои работат во странство. Сите од нив со иста желба, пандемијата во 2022 година конечно да заврши и да се вратиме кон нормалното живеење со повеќе финансиски средства. Поголем дел од од нив новата година ќе ја поминат дома со семејството или заедно со пријателите.
„Оваа година значи помина искрено лошо за мене, се надевам следнава дека ќе биде подобра. Очекувањата се големи, но дали ќе се исполнат не знам.
На кој план очекувате подобрувања?
Финансиски план дефинитивно.
За Нова Година, за празниците каде?
Работно, јас сум музичар.
Каде ќе свирите?
Па во пивница, овде има еден објект стварно добар, таму сме. Секој ден, “фул“.
Има ли предпразнична атмосфера бо Прилеп?
Да, има“, вели еден прилепчанец.
======
„Можеше да помине многу подобро, но некогаш на искушенијата мора да се одговори соодветно. Посакувам конечно да се стави целосно под контрола пандемијата и да можеме послободно да се движиме. Здравје пред се, здравје и добри мисли.
За Нова Година каде?
Па дома, оваа година дома.
Како ја оценувате целата предпразнична атмосфера во градот, има ли еуфорија како порано?
Не, нема никаква еуфорија, причини има повеќе, пандемијата имаше и финансиски импликации, расположение нема“, додава друга прилепчанка.
=======
„Па да биде нешто подобро во 2022, 2021 просечно, од 0 од 5 тројка давам.
Што треба да се подобри?
Најмногу економијата.
За Нова Година со внучето дома ќе бидам.
Еуфорија во градот?
Па не знам, не верувам да има некоја“, рече трет прилепчанец.
======
„Желба имам, ми се роди внук, станавме баба и дедо така да да ни е здрав и жив внукот, тоа е наша најголема желба. 2021, здрави и живи, нема што друго да кажеме.
Честитки за внукот, како и каде ќе ја поминете Новата Година?
Па со внучето, најверојатно со внучето, тоа има една недела, мало е, така да ќе му треба помош од баба и од дедо.
Како ја оценувате предновогодишната атмосфера во градот, ја има ли како порано?
Ние добро се осеќаме, мислиме дека сега градот поинаку дише од порано“, весело изјавија бабата и дедото.
======
„Во домашни услови, тоа е.
Со друштво?
Не, сами, на работа секако ќе бидеме и дома.
Како ја оценувате 2021 и ваша желба за 2022?
Да заврши конечно коронава и на сите се најубаво им посакувам“, додаде друга прилепчанка.
======
„Еве се препознава веќе, почнува малку да се раздвижува градот како град.
Како ја оценувате 2021 и ваши очекувања за 2022?
2022 да се надеваме дека ќе биде подобро, на секој план“, вели друг граѓанин.
======
„Како ја оценувате атмосферата во градот предновогодишна?
Мртва, нема ништо апсолутно.
Зошто?
Тоа може погоре да се праша, врвот.
Вие каде за Нова Година?
Дома, со сопругата, со фамилија со внуците“, се надополни друг прилепчанец.
Годинава во центарот на градот поставени се само неколку светлечки украси, колку барем нешто минимално да потсетува дека не очекуваат празници. Од Општина Прилеп соопштија дека градот е украсен со елементи од минатите години, нови немало да се купуваат за да немало финансиска импликација врз и онака преоптоварениот буџет на општината. Да се надеваме дека идната година ќе биде многу повесела, посреќна и побериќетна од оваа, без пандемија и нормално со повеќе пари кај граѓаните.